Самсоненко преговара со нова компанија, преку посредникот Бојан Захариев, за влез во Вардар

Компанија чиј посредник е поранешниот претседател на Вардар, Бојан Захариев е заинтересирана за преземање на најтрофејниот македонски клуб. Според информациите на ЕКИПА, веќе во тек се преговори меѓу досегашното раководство предводено од Сергеј Самсоненко, кој се уште е сопственик на акциите на Вардар, и новозаинтересираната компанија која во иднина би менаџирала со клубот.

Се работи за компанијата која досега беше спонзор на струмичка Беласица каде и Захариев беше во структурите на клубот. Но, ако се знае дека истата компанија изминатава година не успеа ниту да ја стабилизира Беласица ниту да овозможи опстанок за струмичани, јасно е дека најверните навивачи на Вардар, „Комитите“, ниту од далеку не се согласуваат со еден таков договор, иако и самите веќе неколку денови знаат за шпекулациите за едно вакво преземање на „црвено-црните“.

Бојан Захариев беше претседател на ФК Вардар во периодот по повлекувањето на Трифун Костовски, во периодот кога клубот го стартуваше тонењето и патот кон Втората лига, од каде беше извлечен во 2011 година по фузијата со ФК Миравци.

Според информациите на ЕКИПА, надвор од разговорите за едно вакво превземање на Вардар засега е Град Скопје. А согласно договорот меѓу Град Скопје и Сергеј Самсоненко од 2014 година, Русинот во ниту еден случај не може да ги продаде или преносочи акциите на ФК Вардар на нов менаџмент без согласност од Град Скопје.

ФК Вардар, како што е познато, од следната сезона ќе игра во Втората лига – Запад.

Се вчитува...