Саутгејт: Ова ни е најважниот натпревар во последнава деценија

Англиската фудбалска репрезентација, вечерва против Колумбија ќе се обиде да ја забележи првата победа во нокаут натпревар на светските првенства по цели 12 години. Гордиот Албион всушност има успеси само против Данска и против Еквадор уште од 1990 година кога составот на Боби Робсон беше меѓу најдобрите четири во 1990 година.

Селекторот на англискиот состав, Герет Саутгејт, сепак смета дека овие податоци наместо товар, треба да им бидат мотив на неговите играчи. Тој ги повика „да испишат сопствени приказни“ на вечерашниот осминафинален натпревар против Колумбијците.

„Морав да им посочам дека 10 години, Англија не минала нокаут натпревар. За овој тим, ова е брилијантна можност да постигне повеќе од тоа што го направиле и поискусни состави. Тие и се радуваат на шансата. Очекуваме натпревар со противник кој многу го почитуваме. Имаа добри играчи и многу навивачи на стадионот. Присуствував на две нивни средби на Мундијалот во Бразил и тоа навистина беше карневалска атмосфера“ – вели Саутгејт.

Очекувањата се дека, Саутгејт ќе му се врати на тимот кој славеше против Тунис во стартното коло, со Дели Али кој ги пропушти следните две средби во групата, во првиот тим. Англија против Белгија во завршната рунда одигра со комплетно изменет тим, беше поразена и како второпласирана влезе во осминафиналето. Оваа позиција и ја донесе условно, полесната страна од ждребот на Мундијалот.

Англиските репрезентативци кој пред две години беа во составот на Европското првенство добро го паметат понижувањето што го доживеа тимот со поразот од дебитантот Исланд во првиот нокаут сегмент. Саутгејт смета дека тоа било поради фактот што играчите бил со мислите повеќе на потенцијалниот следен дуел против Франција во Париз. Сигурен е дека овојпат „нема да паднат во таа замка“ и дека ќе бидат фокусирани само на Колумбија.

 

 

 

Се вчитува...