Се е подготвено за „Трофеј Македонија“: Врвен женски ракомет во Охрид

Се е подготвено за денешниот официјален старт на „Трофеј Македонија“, турнирот во женски ракомет во кој нашата национална селекција ќе биде домаќин на Хрватска, Србија и на Црна Гора..

Сите репрезентации доаѓаат со комбинирани состави, но и со максимална мотивираност да се докажат кај селекторите во пресрет на европскиот шампионат на крајот од оваа календарска година.

„Сите сме соочени со комбиниран состав, сите ростери на „Трофеј Македонија“ не се преголеми, мораме да бираме од она што го имаме на располагање. Доаѓаме во еден комбиниран состав, собравме најдобро што можеме, имаме и јуниорки, имаме и помлади ракометарки, дел и од поискусните ракометари. Три меча во три дена се многу, сите ќе добијат шанса, секако ќе гледаме резултат, но шанса ќе добијат сите ракометарки Турнирот е добар да ни послужи како подготовка за европското првенство, да видиме што можеме од одредени ракометарки за ова големо натпреварување, тие самите да дадат се од себе и да се наметнат за место на следниот шампионат “, изјави хрватскиот селектор Ивица Обрван, кој пред извесен период беше селектор на машката репрезентација на Македонија.

„Чест ми е и задоволство што сум дел од овој турнир, што ја претставувам својата земја. Дојдовме на овој турнир со подмладен состав и мило ми е поради тоа, што дел од јуниорските ракометарки ќе можат да покажат што можат на сениорско ниво. Едвај чекам турнирот да почне, да видиме до каде сме и да се подготвуваме за следното ЕП во декември.“, прокоментира Драгана Цвијиќ, која е дел од стручниот штаб на српската репрезентација.

Црна Гора ќе биде предводена од Сузана Лазовиќ, која исто така им порача на своите ракометарки дека ова е одлична можност за докажување..

„Мислам дека е слична приказната на сите селектори, одлично е да се собереме, да ги одмерите силите, но и да провериме што можат дел од помладите. Бараме млади ракометарки што ќе бидат иднина на црногорскиот ракомет, во овој состав имаме и јуниорки имаме и кадетки, сакам да им дадеме шанса да покажат што можат и да видиме што можеме да очекуваме од нив на следното европско првенство“, изјави црногорската селекторка, Сузана Лазовиќ.

Се вчитува...