Вардар дозна како се губи добиен меч – чудесен пресврт на Веспрем

Веспрем со неверојатен пресврт успеа да слави на гостувањето против Вардар со 27-29, со фантастичното второ полувреме со кое унгарскиот гигант се врати од „минус пет“ и го изгаси „скопскиот вулкан“. „Вардарци“ имаат за што да жалат, откако по феноменалното прво полувреме имаа предност од 16-11, но на крајот со наведнати глави го напуштија паркетот, свесни дека овој пораз значи и губење на второто место на табелата.

Веспрем го имаше првиот напад, но Милосављев го одбрани првиот удар кон неговиот гол како најава за извонредното прво полувреме на голманот на „вардарци“. Гостите предводени од Лекаи парираа до половина од првото полувреме (8-8), но потоа за момент загубија здив, а Вардар како секој голем тим знаеше како да го искористи тоа. Дејвис побара и тајмаут, но сиутацијата на теренот не се промени, предноста на македонскиот првак растеше како што одминуваше времето. Борозан влезе накратко, даде гол од контранапад, па на спротивната страна заработи исклучување, но и со играч повеќе Веспрем не успеа да го запре налетот на „црвено-црните“. На крајот, на одмор заслужено се замина со предност на Вардар од 16-11 во полувреме во кое фантастичен беше Милосављев со 11 успешни интервенции.

Дејвис на стартот од второто полувреме го замени Штербик со Миклер, Веспрем доби дополнителна цврстина во одбраната, па набрзина намали на само два гола разлика (17-15, 37. минута). „Вардарци“ делуваа во шок, а откако Наѓ погоди во празна мрежа за 17-16 тренерот Парондо беше принуден да побара тајмаут. Веќе во следниот над Карачиќ ја загуби топката, по што Веспрем повторно стрелаше во празна мрежа за ирамнување на 17-17.  Благотиншек при овој резултат заработи исклучување, по што Дибиров од пенал ја прекина серијата од седум минути без постигнат гол. Криштопанс постигна исклучително значаен погодок за водство од 20-18, погодувајќи од десет метри под опасност за пасивен напад. Македонскиот тим повторно стигна до „плус три“ (21-18), но Веспрем не се предаде и со голот на Лекаи израмни на 22-22, на девет минути до крајот.

Скубе погоди во исклучително важен момент, но следеа два брзи гола на Веспрем и прво водство на гостите по повеќе од триесет минути игра (23-24). Благотиншек доби исклучување при водство на Веспрем од 24-25, а Парондо го уфрли Гедбан на голот на пет минути до крајот на мечот. Дибиров се посрамоти промашувајќи три шутеви (еден од нив пенал) во рок од десетина секунди, по што казната стигна на спротивната страна со прекрасниот гол што со лоб-удар го постигна Ненадиќ, за прво водство на Веспрем од два гола разлика на натпреварот. Вардар доби подарок со ново исклучување на гостите, овојпат поради неправилна замена, по што Стоилов погоди за намалување на негативата на 25-26, но потоа се одигра наивно во одбраната, па Наѓ лесно стигна до чиста позиција за шут од 25-27. Скубе погоди уште еднаш, но одбраната тотално потфрли во завршницата, наивно беше направен пенал што Ненадиќ го претвори во гол.

Стоилов постигна погодок, за 27-28 на една минута до крајот, Терзиќ заработи и исклучување, па Веспрем ја имаше и меч-топката, со последниот напад на 50 секунди до крајот. Веспрем одигра искусно, па на десет секунди до крајот со новиот погодок на Наѓ стави точка на фантастичниот пресврт и големата победа во Скопје, за конечни 27-29.

Дисингер постигна пет гола, сите во првото полувреме, а по четири постигнаа Стоилов, Криштопанс и Скубе, додека Милосављев имаше 13 одбрани на голот на „вардарци“. Кај Веспрем најефикасни беа Лекаи со седум и Наѓ со шест погодоци.

Се вчитува...