Се тресе Манчестер…Јунајтед му го „краде“ Стерлинг на Сити?

Премиер – лигата е пред продолжение на сезоната, а летото ќе биде бурно и кога е преодниот рок во прашање. Манчестер се тресе, затоа што Јунајтед подготвува понуда за Рахим Стерлинг. Сака да го „украде“ англискиот репрезентативец од градскиот ривал Манчестер Сити. Можеби е тоа еден вид одмазда за Карлос Тевез кој во 2009 година од „Олд Трафорд“ се пресели во синиот дел на Манчестер.

„Граѓаните“ ќе имаат големи проблеми да ги задржат најквалитетните фудбалери, ако Судот за спортска арбитража во Лозана ја потврди одлуката за суспензија на Манчестер Сити во наредните две сезони. Кевин Де Бруин веќе изрази сомнеж дека би имал доволно мотиви да го носи и понатаму дресот на Манчестер Сити, а во таква насока е и размислувањето на Рахим Стерлинг.

Одлуката по жалбата на Манчестер Сити ќе треба да биде донесена пред стартот на новата сезона, а Јунајтед ја чека шансата и одвојува финансии за спектакуларниот трансфер. За Рахим Стерлинг се заинтересирани и Реал Мадрид и Пари Сен Жермен, но трансфер од Сити во Јунајтед секако би го ’запалил’ Островот.

Се вчитува...