Леле што се стори – Пеце за власт до последно ќе се бори

Денешното Собрание на Македонската Кошаркарска Федерација (17 часот) по се изгледа ќе го означи и крајот на владеењето на Петар Наумоски со мак-баскетот, како ера на огромен потоп на спортот што долго време го имаше епитетот „број 1“ во нашата држава. Иако во дневниот ред нема точка за иднината на претседателот, сепак веќе е јасно дека постои доволна база за да биде поставена точка за (не)доверба во лидерските способности на Наумоски.

Тој лани преживеа еден обид за „пуч“ предводен од МЗТ Скопје и од Куманово, но шансите такво нешто повторно да се случи се минимални. Главна причина е фактот дека речиси сите клубови овојпат се со идентичен став – дека мора да дојде до промена на чело на МКФ за кошарката конечно да почне да се движи напред. Воедно, дури и дел од здруженијата што Наумоски ги формираше и ре-формираше за свои потреби во меѓувреме почнаа да му го вртат грбот, со што уште повеќе се намалуваат неговите шанси за опстанок на чело на федерацијата. Едно е јасно, тој е решен до последно да се бори за останување на функцијата што значи престиж, но и финансиски бенефит, без оглед што и самиот е свесен за очајните резултати на секој план и вртоглавиот пад од моментот на неговото доаѓање на чело на МКФ се до ден денеска.

Доколку биде изгласана недоверба на претседателот, тоа не значи дека веднаш ќе биде избран и неговиот наследник. Согласно правилата и Статутот, избор на нов претседател не може да се случи на истото собрание на кое се гласа (не)доверба на актуелниот претседател. Во случај на заминување на Наумоски, изборот на нов претседател би се извршило за петнаесетина дена на ново Собрание на МКФ, на кое битка за тронот би воделе Владо Илиевски и Даниел Димевски.

Се вчитува...