Седум земји се заинтересирани да ги организираат ЛОИ 2036

Седум земји се заинтересирани за организација на Летните олимписки игри кои треба да се одржат во 2036 година, објави Меѓународниот олимписки комитет (ИОК).

Во соопштението, ИОК објави дека Германија, Унгарија, Индија, Катар, Јужна Африка, Јужна Кореја и Турција пројавиле интерес за организација на ЛОИ 2036.

Од заинтересираните земји, само две имаат искуство со организација на Летни Олимписки игри, тоа се Германија (Берлин 1936, Минхен 1972 година) и Јужна Кореја (Сеул 1988 година).

ИОК соопшти дека заинтересираните земји во ноември годинава ќе одржат презентација пред комисијата за идни домаќини на Олимписките игри, по што од март 2027 година ќе започне дијалогот на кандидатите со извршниот одбор на ИОК.

Домаќинот на ЛОИ 2036 ќе биде избран со класање на земјите членки на ИОК во 2029 година.

„Без разлика каде ќе се одржат Олимписките игри, една работа не смее да се промени, спортистите мора да бидат во центарот на тоа што го правиме“, изјави претседателката на ИОК, Кирсти Ковентри.

Засега познато е дека Турција ќе го кандидира Истанбул за домаќин на ЛОИ 2036, Унгарија ќе оди со Будимпешта, Германија со Минхен, а Индија ќе го кандидира Ахмедабад.

Лос Анџелес ќе биде организатор на Летните олимписки игри кои ќе се одржат во 2028 година, а четири години подоцна австралискиот Бризбејн ќе биде организатор на ЛОИ.

Се вчитува...