Сејдини: Милевски е човекот кој го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток…, јас не сум тој кој ќе го менува името на ФФМ!

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, промовирајќи го новиот македонски селектор Благоја Милевски истакна дека ФФМ избрала човек кој е креатор на репрезентативните успеси во Македонија пред кого верува дека се уште многу успеси со кои ќе се радува македонската фудбалска јавност.

„Милевски е човекот кој го регенерираше македонскиот репрезентативен крвоток, кој создаде група на фудбалери кои веќе имаат зад себе учества на две европски првенства. Македонската репрезентација покажа дека има квалитет а сега на чело со Милевски треба да покаже карактер за идни уште поголеми успеси, во кои не се сомневаме. Сакам да создадеме трајно наследство за македонскиот фудбал и спорт. Убедени сме во потенцијал и тука пред новиот селектор искажувам отворена поддршка во иднина за заедничко градење на најуспешниот спортски колектив во Македонија – Фудбалската федерација. Иако на дресот го има бројот на годината до крајот на договорот, верувам дека ќе соработуваме уште многу повеќе во иднина“ – истакна првиот човек на ФФМ.

На прашањето кое изминатиот период постојано ја тангира спортската јавност околу промената на името на Фудбалската федерација на Македонија, на што инсистираат од Грција, Сејдини со одговор:

„Јас ниту сум тој кој го ставил името на Фудбалската федерација на Македонија, ниту пак јас сум тој кој може да го промени. За тоа се прашува највисокиот раководен орган, Собранието на ФФМ. Така да јас останувам доследен единствено на одлуките на Собранието на ФФМ“ – истакна Муамед Сејдини.

Се вчитува...