СЕЌАВАЊЕ – 26 ГОДИНИ… Со македонски пасош тешко се влегува во Грција, големото финале во знакот на Савичевиќ и Бобан

Мај отсекогаш бил најфудбалскиот месец во годината, но не и во оваа “ ковидска“ 2020 година. Сепак, останува сеќавањето за едно од најголемите финалиња во историјата на Лигата на шампионите, она од мај 1994 година кога Милан ја декласираше Барселона со 4-0 во Атина. Во мечот кој мина во знакот на Дејан Савичевиќ и Звонимир Бобан.

МНОГУ ПРОМЕНИ ОД ЛАНИ САМО ЕДНО Е ИСТО – ФК ВАРДАР СЕ МАЧИ СО ДОЛГОВИТЕ И СО ЛИЦЕНЦИТЕ

Пред една година пишував дека на сите страни се играат завршни, финални натпревари во борбите за куп трофеите и шампионските титули во националните првенства . Како шлаг на вкусната торта остануваат двете бисер фудбалски пресметки, финалните мечеви во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа. Поради згуснатиот натпреварувачки календар во мај, сепак, овојпат му недостигаше само едно деноноќие, финалето на Лигата на УЕФА ќе се одигра на 29 мај во Баку (Челси-Арсенал), а Ливерпул и Тотенхем ќе игаат на 1. јули 2019 година во Мадрид. Британците можеби еден ден ќе излезат од ЕУ( веќе го направија тоа), но фудбалски засекогаш остануваат на Стариот континент, веќе прочитавте-сите финалисти се од татковината на фудбалот! Кај нас , пак, последните 90 фудбалски минути ги разрешија сите непознати, покрај шампионот Шкендија и победникот на националниот куп Академија Пандев, со европска виза се здобија и Шкупи и Македонија ЃП! Европските челници водат грижа за се’, но пред се’ за фудбалските професионалци, второпласираниот Вардар остана без европска виза поради неисплатените финансиските долгови кон своите фудбалери. Чудно и несватливо, тоа во Вардар се случи по најголемиот клупски успех на евро-куповите, по играњето во групната фаза на Лигата на Европа и милионската девизна заработувачка! Тие завршни последни фудбалски натревари, тоа најчесто се финалните-куп мечеви, насекаде прераснале во вистински спортски празници. И натаму со воздишки ние се потсетуваме на нашето прво куп финале Вардар-Пелистер 1-0 (23. мај 1993 година), на преполниот стадион и на спектакуларната атмосфера. Поминаа од тогаш многу години, сите заедно не успеавме да изградивме вистинска традиција финалниот куп-натпревар, без разлика кои две екипи ќе играат, настанот да прерасне во вистински спортски празник. На таа привлечна фудбалска приредба и свртеа грб дури и оние кои секојдневно се борат за популарност и гласачи – политичарите!

Да, таков ни беше фудбалскиот мај само пред една година! ФК Вардар лани со Самсоненко, сега без него со исти проблеми, кај нас фудбалот се враќа во средината на јуни, во Европа некаде порано, некаде подоцна, на секаде тешко се дише без „најубавата споредна работа на светот“…

НЕМА ВЛЕЗ СО МАКЕДОНСКИ ПАСОШ – ДЕСЕТЧАСОВНО ЧЕКАЊЕ ЗА ПРОПУСНИЦА ЗА ГРЦИЈА

Европа фудбалски, на клупски план, се обедини во натпреварувачката 1955/56 година, останува забележено дека Рел Мадрид на Паркот на принцевите во Париз го совлада франускиот првак Ремс со 4-3 и стана првиот победник на Купот на европските шампиони. Како коментатор на ТВ Скопје првиот финален натпревар, на лице место, го коментирав 1970 година во Милано (Феенорд-Селтик 2:1), но патувањето во Атина 1994 година на финалето Милан-Барселона останува во сеќавањето за ’веки-веков’. Поминаа 26 години, а за мене како тоа да беше вчера. Време е тоа на наши блокади од сите страни, на нарушени комуникации меѓу најблиските соседи, но во Евровизијата и “првата“ и “втората“ страна се рамноправни, па Македонската телевизија добива акредитација и коментаторско место на стадионот “Спирос Луис“ во Атина за директен пренос на финалето на Лигата на шампионите меѓу прваците на Италија и на Шпанија. Се уште на граничните премини “игра“ југословенскиот црвен пасош, но одлуката на Македонската телевизија е да патувам со новиот македонски темно-син пасош!

Генералниот директор на МРТВ Тихомир Илиевски, инаку голем љубител на фудбалот, за секој случај ме предупреди да не патувам со стариот југословенски пасош со кој инаку без проблеми се влегуваше во Грција. „Генералниот“ беше вистински дипломат, впрочем се пензионира како амбасадор. Ги почитував неговите наредби, признавам одлично соработувавме, благодарение и на него реализиравме во тешки услови многу спортски програмски проекти, врзани пред се со настапот на македонските спортски репрезентации и поединци на светската спортска сцена. Неговата канцаларија беше и привремен штаб на Македонскиот олимиски комитет во времето кога претеседателот Васил Топурковски беше наш преставник во Њујорк, а овде во Скопје течеа активностите за прием на Македонскиот олимписки комитет во големото светско олимписко семејство…

Па така, наоружан со сите можни евровизиски акредитации и со мојата нова патна исправа, еве ме во раните утрински часови во возот Белград-Атина. На граничниот премин Идомени, на патниците кои во своите пасоши добиле печат во Табановце, овде грчките полицајци тоа го поништуваат. Ги имаше многу, тргнале да го гледаат Дејо во дресот на Милан. Потоа, се разбира, љубезните грчки полицајци им посакуваа добредојде на патниците со црвениот пасош и многу успех во утрешниот натпревар! Разбирливо за мене патувањето тука заврши, го гледам возот како се губи од свиокот на пат за Атина, следниот ќе го видам дури по 10 часа! Сите, полицајците, цариниците, го гледаа мојот пасош, па сум ти бил изгледа првиот што решил со него со воз да патувам во Грција! Долго траеја нивните разговори со централите во Атина, сите потребни акредитивни документи ги бев копирал во неколку примероци, што е сигурно, сигурно. Добив и патека од 200 метри каде можам да се движам, од бифето до полициската станица и обратно. Конечно, некаде во 17 часот стигна „абер“ од Атина за бел лист за влез во Грција. Платив 20 долари и накусо од телефонската говорница “рапортирав“ за ТВ дневникот во Скопје дека по 10-часовно здржување на границата продолжувам за Атина. Патем кажав и збор-два за утрешното големо финале во кое грчките новинари прогнозираат триумф на Милан. И конечно околу 20 часот се качувам во возот, спалниот вагон е речиси празен, кондуктерот ми вели „ќе патуваш како браварот“!

За разлика од утринскиот воз, сега нема навивачи, тие сега веројатно шетаат по улиците на Атина. Со кондуктерот неизбежен беше муабетот и за мојот нов пасош, беше радознал за кого тоа утре ќе навивам – за Савиќевиќ или Стоичков, за Милан или Барселона? Во шега велам, за Бобан, значи за Милан. Добар беше југословенскиот спорт, ми вели, особено кога натпреварте на ТВ ќе ги пренесуваа Младен, Владанко, Никита или Мутиќ…. По Солун испружив нозе, претчувствував дека ме чека уште еден неизвесен ден.

ТОНИ САВЕВСКИ „ЕСКИВИРАШЕ“ КО-КОМЕНТАТОРСКА ПОЗИЦИЈА ВО АТИНА

Со пасошот никаде не добив соба, во хотелот Каравел брзо ја завршив акредитацијата. Комотно е овде во прес-центарот, да го скратам времето, ќе тргнам кон стадионот со првиот новинарски автобус. Имав доволно време за подготовка, но за секој случај, речиси на повеќе од една страница забележив се она што е врзано со името на стадионот Спирос Луис. Ако затреба, можни се понекогаш и подолги прекини, искуството вели, добро е да се иима нешто подготвено за секој случај. Ми остана засекогаш во сеќавање: Спиридон (спиро) Луис е победник на маратонската трка на првите Олимписки игри 1896 во Атина. За награда меѓу другото добил магаре, магарешка кола, доживотно бричење и пострижување! Инаку маратонската трка, тие 42.195 метри е рестојанието од маратонското поле до Атина, тоа е должината што ја истрчал Филипиди да ја пренесе радосната вест дека атињаните ги поразиле персијанците… Добро е да се има нешто подготвено, но најдобар пренос ќе направиш, како што велеше драг мојот учител Никола Солдатов, ако од тоа ништо не искористиш во текот во преност… Се сетив и на Тони Савевски, еден од фудбалските звезди на АЕК, се договоривме да дојде на влезот за новинарите, посакував да биде стручен коментатор. Не дојде, веројатно Тони се сети дека и припаѓа на едната, а јаде леб во другата страна…

На стадионот пристигнав меѓу првите, на коментаторското место службата на Евровизијата напишала МРТВ, но некој поминал, го пречкртал и допишал ФИРОМ. Сликата и тонските врски функционираа беспрекорно како и играта на Савичевиќ и Бобан, Милан ја надигра и понижи големата Барселона победувајки ја со 4-0! Капело предводеше силен тим, покрај “нашите“ Савичевиќ и Бобан играа и Малдини, Албертини, Донадони, Тасоти, Панучи, Масаро, во екипата пак на Јохан Кројф беа Куман, Гвардиола, Стоичков, Ромарио… Од стадионот повторно во прес-центарот во хотелот Каравел. Гледам експедицијата на Милан радосна го напушти хотелот, си велам, добро ќе има празен кревет! Да, кревети има, речиси хотелот се испразни, но не и за имателот на мекедонски пасош! Убаво и конфорно е фоајето на хотелот, подобро тука да се пречека изгрејсонцето.

Следното утро во 10 часот од железничката станица тргна возот Атина-Белград. По Солун, се сеќавам, на трипати пополнував бел картон, последната графа на третиот картон ја оставив непополнета…. На железничката станица во Гевгелија слушам од разгласот-патникот Атанас Костовски да се јави кај началникот… Добро е, се врати првиот патник со новиот македонски пасош… Деновиве пак го гледам втиснатиот грчки печат од граничниот премин Идомени во пасошот на мојот драг пријател Бране од летото 2019 година… 26 години по атинското финале Милан-Барселона, има разлика, зар не?

Атанас Костовски

Се вчитува...