СЕЌАВАЊЕ НА КРАЊ, од еден поинаков агол: Фудбалерите доаѓаа директно во Словенија, Трифун и Брацо обезбедија ТВ пренос…

Пишува:
Атанас Костовски

Убаво е деновиве да се потсетиме на нашите изминати фудбалски денови. Поминаа точно 27 години од првиот официјален натпревар на македонската фудбалска репрезентација, генерации претседатели, селектори и фудбалери го изодеа овој пат, и, еве конечно, стигнавме до тој последен чекор-пласман на завршните натпревари на Европското фудбалско првенство!

По неполн месец ќе полета нашата фудбалска експедиција за Тбилиси, Грузија. Претседателот на федерацијата Муамед Сејдини заедно со своите најблиски соработници Филип Поповски (секретар), Игор Ангелевски (селектор) и Златко Андоновски (портпарол), верувам, ќе предводат оптимисти во остварувањето на големиот фудбалски сон-да бидеме таму каде што се и најдобрите од Стариот континент!

Да, така ќе биде запишано во историјата на нашиот фудбалски спорт, за неа допрва ќе се пишува… Но, за да не избледнее сеќавањето на првиот чекор, еве еден мал придонес кон незаборавното патување кон пријателска Словенија од пред 27 години…

…Тогаш на чело на првата македонска фудбалска репрезентативна експедиција беа Љубисав Иванов (претседател), Илија Атанасовски (секретар), Часлав Божиновски (капитен -кординатор), Андон Дончевски (селектор), Стојан Тренчевски (портпарол)… Преполниот авион на „Палер Македонија“ слета во квечерината на нашиот голем празник 11. октомври 1993 година на аеродромот Брник во Љубљана. Од тука право на првиот прием што амбасадор Димитар Мирчев во Словенија го приредува на една наша спортска делегација. Во еден од рестораните на љубљанските хотели се развиори наше оро, „Македонското девојче“ низ гласот на фудбалското моме Елена, ќерката на некогашниот вардаров ас Диме Георгиев, ја дополни прекрасната атмосфера кај многубројните гости. Со амбасадорот Димитар Мирчев пред повеќе од 30 години работевме заедно во „Млад борец“, ми рече дека со сите вработени во амбасадата ќе присуствуваат на натпреварот во Крањ.

„Читав, овде во весниците“, ми вели амбасадорот, „Словенечката телевизија ќе врши директен пренос за Македонија, тие пак ќе емитувале магнетоскопска снимка“.

Да, точно е, и на мојот некогашен колега накусо му ја раскажав приказната како МТВ успеа да го обезбеди директниот пренос од првиот натпревар на нашата фудбалска репрезентација против Словенија одигран на 13. октомври 1993 година во Крањ. Еве сега тоа да го пренесам и на Вас, почитувани читатели на ЕКИПА…

Трифун Костовски и Брацо Вујчиќ без размислување ги платија парите за ТВ преносот

Од моментот кога пријателскиот фудбалски сојуз на Словенија се согласи да одигра пријателски натпреар со репрезентацијата на Македонија, беше потребна согласност од ФИФА и УЕФА, зашто нашиот сојуз (сега федерација) за разлика од словенечкиот не беше член на двете меѓународни фудбалски асоцијации. Веднаш започнаа и активностите на МТВ да се обезбеди директен пренос од тој историски натпревар. Генералниот директор на МТВ, Тихомир Илиевски, инаку вљубеник во спортот, посебно во фудбалот, беше краток, ама прецизен: „Пренос мора да има, ама пари немаме планирано за таква програма!“

Како долгогодишен уредник на спортската редакција на ТВ Скопје, сега МТВ, признавам ми беше лесно во рамките на Југславија, односно ЈРТ. Секоја атрактивна спортска програма си има своја цена, телевизиските права ги откупувавме за територијата на ЈРТ, според бројот на претплатниците нашата партиципација изнесуваше 8-9%! Тоа значи на 1000 германски марки ќе платевме 80, другите преостанати телевизиски центри, секој според бројот на претплатниците. Сега сите 1000 германски марки се наша обврска, на телевизискиот пазар ништо не е бесплатно…

Тандемот од ФК Вардар, сега првите луѓе на репрезентацијата Божиновски-Дончевски го прават репрезентативниот список, многумина од фудбалерите ќе стигнат директно во Љубљана или Крањ, администрацијата обезбедуваше спонзори за да ги покрие трошоците на првото гостување, ние пак во МТВ мака мачевме како да пронајдеме околу 20.000 германски марки, па преносот од Крањ да ни испадне бесплатен, како што посака генералниот директор. Со пријателите од ТВ Словенија брзо се договоривме за преносот, но со оглед дека тие планирале емитување само магнетоскопска снимка за својата програма, трошоците за реализацијата на директниот пренос од Крањ ќе изнесуваат 7.500 германски марки, толку всушност изнесува нашата обврска како баратели на преносот! Одговорот на првиот телекс што го испратив значеше 50% завршена работа! Нашиот пријател од Виена, сопственикот на „Кометал“, Трифун Костовски кусо порача: „Само прецизирајте на кого парите да бидат испратени во Љубљана!“

Па, тукушто стекнатото пријателство и доверба меѓу МТВ и Кометал го даде и првиот резултат. Имено, претходно екипа на МТВ по барање на Трифун Костовски реализираше впечатлива 30-минутна репортажа за спортските игри на вработените на Кометал во Виена, а како благодарност на професионално добро завршената работа Трифун Костовски и подари на МТВ преносен линк кој верувам дека и ден денешен е во функција! И рече, добро запаметив, кога ќе имате некој проблем-јавете се! Со благодарноста следеше и она: „Довидување во Крањ на 13 октомври…“

Првиот проблем беше брзо решен, но беа потребни уште 9.000 германски марки колку што изнесуваа телевизиските права за преносот, толку всушност бараше имателот на правата – Фудбалскиот сојуз на Словенија. Овие проблеми порано ги преговараше и решаваше специјалното одделение за меѓународна соработка при ЈРТ. Сега такво, за контакт со Евровизија и Интервизија се формира и кај нас. Воспоставените блиски контакти со преставникот на УФА-Медија за Југославија, Слободан Вујчиќ-Брацо, човекот кој веќе одлично соработуваше со сите сојузи што произлегоа по раздружувањето на федералниот југословенски фудбалски сојуз. Не требаше многу убедувања, југословенскиот европеец Слободан Вујчиќ-Брацо веднаш прифати да ги регулира правата со Словенците, односно да ја обештети нивната “ногометна свеза“. Генералниот директор на МТВ, Тихомир Илиевски беше задоволен, низ нашата програма веќе можевме да го најавуваме „ексклузивно“ директниот пренос од Крањ, Словенија на 13. октомври 1993 година со почеток во 15 часот…

„Гласот во живо“ од Крањ место на ТВ, на радио!

Најтешкиот дел помина брзо и без проблеми, самата реализација многу потешко. Во Крањ беше собран првиот тим на словенечката телевизија. Ме радуваше присуството на врвниот режисер Бено Хвала и неговиот некогашен ученик Стане Шкодлар. Знам дека допатуваа од Љубљана и да се видиме, тие ми беа први телевизиски учители во ноември 1960 година при едномесечниот престој во ТВ Љубљана. Блиското пријателство посебно дојде до израз кога Бено Хвала дојде на наша покана во Скопје и беше еден од најзаслужните за извонредните комплименти што ТВ Скопје ги доби од Евровизија за квалитетните преноси од Светското кајакарско првенство на диви води одржано на Матка крај Скопје. Како што е и ред на коментаторското место на стадионот во Градскиот парк во Крањ пристигнава 30 минути пред почетокот на преносот. Недалеку од мене е Марјан Старе од ТВ Љубљана, последен пат работевме заедно во Бари 1991 година кога Дарко и Илија во дресот на белградска Црвена Звезда станаа европски шампиони. На другата страна се радио-репортерите меѓу нив и колегата Александар Стиков од Радио Скопје. Најнепријатно е за коментаторот ако пред почетокот на преносот не ги слушне луѓето од техниката, оние што треба да го проследат твојот глас до радио или ТВ приемниците… Ало, ало, ало… траеше тоа речиси до самиот почеток на преносот. Конечно, слушнав во програма си, почни да зборуваш! Големо олеснување, еве најпосле можност да го изговорам „историското“ се јавувам од првиот натпревар на македонската фудбалска репрезентација….

По завршувањето на првото полувреме воспоставив вистински муабет со вработените во мастерот во МТВ. Мојот глас навреме стигнал во МТВ, ама којзнае по чија грешка сум ти бил префрлен во Радиото наместо во Телевизијата, всушност почетокот на натпреварот, па и првиот гол на Бошковски сум го коментирал за слушателите на Радио Скопје, гласот на колегата Александар Стиков воопшто не стигнувал до Скопје! Во телевизијата секогаш сме практикувале кога коментатор праќаме на лице место, задолжително да имаме и резерва во студиото. Колегата Зоран Јордановски од студиото во Скопје го започна преносот од Крањ, дури имаше „ксмет“ да му се израдува на голот на Зоран Бошковски со кој Македонија уште во 4. минута поведе против Словенија со 0-1. Потоа, ми рекоа од студиото, дека се било во ред, гласот стигнал на вистинското место. На крајот на преносот од студиото ми јавија дека имало пречки на врските, па гледачите не го виделе голот на Канатларовски со кој беше постигнат конечниот резултат од 1-4 за Македонија. Со оглед дека врските уште беа активни, сликата од Крањ преку Италија и Атина стигнуваше до МТВ, го замолив режисерот Стане Шкодлар да го емитува голот на Канатларовски, овојпат само за вработените во мастерот на МТВ. По враќањето во Скопје колегата од Радио Скопје, Бранко Давидовски ми кажа дека радиото по обичај ја снима комплетната програма, па го имаат на лента мојот коментар од Крањ. Лесно беше на монтажа да се покрие делот без коментарот од Крањ, а и голот на Канатларовски да го залепи телопот со “пречки“, па така во документацијата на МТВ се архивира снимката од првиот натпревар на Македонската фудбалска репрезентација и победата против Словенија од 1-4.

Тонската снимка од историскиот гол на популарниот Чоко многу подоцна се најде и во песната (спотот) “Гол“ на Суперхикс. Еден ден фронтменот Петар Младеновски ме замоли нешто на „суво“ да прокоментирам за една нивна песна, јас му предложив тоа да биде акцијата Панчев-Бошковски по која беше постигнат првиот гол во историјата на македонската фудбалска репрезентација. И бидна така…

Тоа е, ете, телевизиската приказна за 13. октомври 1993 година. Онаа на теренот е позната. Па сепак еве што останува за историјата:
СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 1-4
Стрелци: Бошковски, Панчев (п), Јаневски (п), Канатларовски за Македонија и Пате за Словенија.
За МАКЕДОНИЈА играа: Зоран Мицевски, Кире Грозданов, Зоран Јовановски, Љупчо Марковски, Илија Најдоски, Чеде Јаневски, Зоран Бошковски, Драган Канатларовски, Дарко Панчев, Бобан Бабунски и Тони Мицевски. Резерви: Лазо Липовски, Неџмедин Мемеди, Горан Георгиевски, Сашо Милошевски, Ванчо Мицевски. На клупата крај селекторот Андон Дончевски беа и неговите најблиски соработници, сега починатите Лазар Плачков (тренер) и Душко Милевски (доктор), а во централната покрај амбасадорот Димитар Мирчев беа и Часлав Божиновски, Илија Атанасовски – Ико и Стојан Тренчевски кои истотка нема да можат да треперат во тој последен исчекор на нашите репрезентативци кон Европското првенство.
На трибините на стадионот во Крањ беа и првите спонзори, они што го помогнаа патувањето, тука беа преставниците на Први партизан, Макпетрол, Усје, Винојуг, Искратурс, Мета, Фротирка, Карпош, хотел Монтана… Се разбира и Трифун Костовски со вработените од Кометал од Виена, како и Слободан Вујчиќ-Брацо кој подоцна стана еден од најголемите помагатели на репрезентацијата и македонскиот фудбал.

Горан Пандев и оваа генерација во Тбилиси може да запишат историја!

Денеска претседателот Муамед Сејдини ги нема финансиските проблеми, патот во Тбилиси и средбата со Грузија на 12. ноември 2020 е три во едно за федерацијата: Богатство од 10 милиони евра, за фудбалерите диплома од највисок фудбалски ранг, за сите нас огромно задоволство од сознанието дека и ние конечно ќе се појавиме на големата фудбалска сцена.

Корона-протоколите се претешки, ама добро е луѓето од ФФМ на патот за Тбилиси да помислат и на дел од репрезентативците од 13 октомври 1993 година… Во остварување на дамнешниот фудбалски сон, сите заедно сме посилни… Зарем не?

Се вчитува...