Секоја чест: Мбапе ќе донира 500.000 евра за болни и хендикепирани деца

Килијан Мбапе на овој Мундијал се промовираше во нова ѕвезда на светскиот фудбал, докажувајќи дека оние 180 милиони евра потрошени од ПСЖ на него се многу подобри од поскапиот трансфер на Нејмар.

Французинот останува скромен како и секогаш, а покрај фудбалските квалитети поседува и огромно срце, па остана на даденото ветување, сета заработка од ова СП да ја донира во хуманитарни цели. Тој ќе добие околу 180.000 евра за седумте одиграни средби во Русија, како и дополнителни 320.000 евра за златниот медал. Висината на сумата би поколебала многумина, но Мбапе не се премислува, сите пари ќе ги донира на хуманитарната организација „Premiers de Cordee”, која се грижи за болни и хендикепирани деца чии родители се соочуваат со финансиски проблеми.

„Килијан е неверојатна личност. Има толку многу обврски, но кога и да најде време доаѓа да се дружи со децата. Секогаш ги наоѓа вистинските зборови за да ги охрабри најмалите, да им го разубави денот што го минуваат заедно. Искрено, кога ги гледам мислам дека самиот Мбапе ужива во дружбата повеќе од нив, тоа е она најдоброто од се“ – изјави Себастијан Руфан, генерален менаџер на „Premiers de Cordee”.

 

Се вчитува...