Селекторот Јончевски и официјално ја презема клупата и на Кожув!

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Јончевски, е нов шеф на стручниот штаб на екипата на Кожув. Јончевски и официјално денеска постигна договор со раководството на прволигашот од Гевгелија.

Пред извесен период, Јончевски си замина од Косово каде беше на кормилото на екипата на Трепча од Митровица. За Јончевски ова ќе биде своевиден „камбек“ во Кожув, откако ја водеше екипата од 2018 до 2021 година.

Потоа работеше во Гостивар, а претходно беше предводник од клупата и на екипите на Спартак Суботица и МЗТ Скопје Аеродром.

„Селекторот на македонската репрезентација Александар Јончевски е повторно тренер на нашиот тим. Искусниот Јончевски веќе од утре го презема нашиот состав, а досегашниот стратег Апостолов ќе му биде асистент. На Алек му посакуваме добредојде назад во црвено-белата фамилија“ – информираа од КК Кожув.

Досегашниот предводник на Кожув, Апостоли Апостолов останува во стручниот штаб како асистент на Јончевски. Поранешниот виешампион на Македонија се прегрупира и засили последните два месеца, донесе неколку квалитетни странски засилувања и со селекторот на клупата ќе се обиде да остане во зоната која води во разигрувањето за титулата.

Се вчитува...