Селекторот ќе плати за белградското фијаско – Кокошков пред отказ во Србија

Игор Кокошков во следните денови ќе добие отказ од функцијата селектор на кошаркарската репрезентација на Србија, по фијаското на оваа селекција во предолимписките квалификации. Србија не успеа да стигне до билет за ОИ откако загуби од ослабената Италија во финалето од турнирот во Белград, а цената за овој неуспех ќе ја плати Кокошков, кој не успеа да го наметне авторитетот и да го извлече максимумот од оваа репрезентација.

Како што информира „Спортски Журнал“, одлуката за смена на екс-селекторот на Словенија е веќе донесена и само прашање на ден е кога истата ќе биде официјализирана во јавноста. Според истиот извор, веќе се знае и името на новиот селектор – искусниот Светислав Пешиќ, кој е подготвен за камбек на големата сцена. Пешиќ веќе има 71 година, но до неодамна како предводник на Барса бележеше добри резултати, што е доволна причина тој повторно да добие шанса да ја води оваа селекција, со која како селектор има злато од Евробаскет во 2001 и од СП во Индијанаполис.

Во комбинација за селекторското место се Саша Обрадовиќ и екс-кормиларот на Србија, Александар Ѓорѓевиќ, но според српските медиуми – Пешиќ е апсолутен фаворит во оваа трка.

Се вчитува...