Серафимов горд на големиот успех: Пред ваква публика не може да не одиграш и да не победиш

Мартин Серафимов повторно максимално ја користи шансата кога и да добие позначајна минутажа во македонскиот национален тим.

Десниот бек на Алкалоид блесна кога беше најважно на дуелот со Фарските Острови постигнувајќи пет погодоци, дел од нив во клучни моменти кога се мачевме во нападот и бевме на работ на пасива. Серафимов не го криеше воодушевувањето од новиот пласман на СП, но и ја потенцираше важноста на публиката за убедливата победа на неделниот реванш.

„Селекторот Лазаров веруваше во нас и после тој пораз на гостински терен. Мотивација кај нас никогаш не изостанува, сите од прв до последен верувавме во она што го работиме, верувавме дека можеме да дојдеме до оваа победа од осум гола. Кога излеговме на терен, која ја видовме салата полна, самодовербата се зголеми. Не може да не одиграш ваков меч пред таква атмосфера, им благодарам на сите што дојдоа да не бодрат, им благодарам на сите што навиваа цели 60 минути, не носеа на овој важен меч. Пресреќен сум што се пласиравме на Светското првенство“, истакна Мартин Серафимов.

Се вчитува...