СЕРИЈАЛ НА ДАРКО ПАНЧЕВ – „ТАЈНИТЕ НА ГОЛЕМИОТ ВАРДАР“ (6): Како се создаваa генерациите – Маалските деца на Скопје кои стигнаа до финалето во Купот 1965!

Дарко Панчев

Преку серијал свои текстови, најголемото македонско фудбалско име во историјата, Дарко Панчев, а како постепена најава на 80-годишнината од формирањето на најтрофејниот македонски клуб, низ наредниот период, за ЕКИПА, ќе долови ексклузивни, досега нераскажани, приказни од најпрепознатливите 60 бисерни вардарови натпревари, преку кои на вистински начин се откриваат тајните каде всушност лежи големината на црвено-црните бои. Зошто Вардар е незаменлив дел од македонската историја. Зошто брендот е жив до ден-денешен. Која е душата на неговото постоење? Кое е неговото најголемо богатство – вистинскиот темел на брендот Вардар!?

=========================================================

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (5): 18-те вардарови младинци кои го нападнаа Баден-Баден!

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (4): Златко Илиевски – првиот во редот на моите „создавачи“!

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (3): Мечот на кој легендарниот Шекуларац играше за Вардар на „Градски“

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (2): Освоена Сардинија, овациите од Италијанците – „Bravissimo Vardar…“, „лажниот пречек“ во Сплит

ПРЕТХОДНО ЧИТАВТЕ (1): Битката на „Давид и Голијат“ – Легендарниот Џиџи Рива и Каљари потклекнаа на „Градски“!

=============================================================

Најверојатно со божја промисла спортот е даруван на сите луѓе, насекаде и подеднакво на планетата Земја, без разлика на верата, бојата на кожата или националната припадност. Сосема извесно заради подобро меѓусебно разбирање и универзално толкување на неговите заповеди. Нагонската навика дадените неограничени умствени и физички способности да не ја злоупотребуваат за постојано милениумски меѓусебни уништувања, а да ја искористат за друг начин на докажување и искажување на своите способности со однапред утврдени правила, без привилегирани и подредени, со еднаква шанса за богатите и сиромашните низ натпревар пред аудиториум, на терен каде што нема простор за манипулации и неправди. На своите поклоници да им даде радост, занес и гордост, но и обединување во моменти на заедничка тага.

Со прифаќање на таква здрава и корисна порака, во нашиот случај неговото величество фудбалот богато ќе им возврати и праведно ќе го награди секој индивидуален талент и труд, секое самооткажување, жртва, упорност, несебичност, неоткажувањата и вербата во играта и професијата за која се определиле.

МОМЧИЊАТА ОД МАЏИР МААЛО, ДЕБАР МААЛО, ИБНИ ПАЈКО, ЧАИР, АВТОКОМАНДА…

Дел од младите „вардарци“ од Маџир Маало пред почетоците во вардаровите младински состави

Со такви предубедувања младите на ФК Вардар, заедно со своите тренери, овој пат цел месец мај таа 1965 година ќе го искористат за интензивни подготовки, со многу истрчани километри на кејот и „потоци пролеана пот“ за да ја ‘анулираат’ предноста на баварскиот тим, кој го освои пехарот претходната година со победа токму над Вардар на силниот меѓународен турнир во Реинфелден, во регионот на Баден, Германија. Сите тие своите први дружења со топката ги имаат по скопските маала. Капитенот Доне Божиновски во Мичурин, Кире Пеев во Ибни Пајко, Ванчо Балевски во Дебар маало, Александар Пановски – Мац, брат на Кире Типе, кај Зелен пазар, од каде е и Миле Спирковски, Идриз Сулејманов и Јуда Рамаданов во Чаир, Дончо Сеизов во Автокоманда, Диме Георгиев, Љубиша Николиќ и тренерот Урош Петровски во Маџир маало. И сите најпрво ги минувале, септемвриските строги селектирања од вардаровите тренери на помошното игралиште во Градскиот парк, пред да може да го облечат дресот на својот омилен клуб. Од стотицата деца ќе бидат одбрани дваесеттина кои потоа ќе бидат обучувани и воспитувани од Петровски и Кокиновски, и како вистински изграден квалитетен производ потоа предавани на првиот тим.

Вардаровите фудбалери со пехарот од Купот на Југославија од 1961 година

„Во мојата рана младост, буквално сите деца се занимававме со некој спорт“ – раскажува Димитрија Георгиев, кој е тајно крстен во истоимената црква, Св. Димитрија, од другата страна на Камениот мост.

„Најмасовно секако се играше фудбал, но се играше и ракомет, дури тогаш и оној на голем терен, на црвеницата во паркот. Се играше и кошарка, одбојка…, а некои одеа и во Соколана или во преубавата сала на Економскиот техникум, во близина на Градската болница каде ги имаше сите можни фискултурни справи. Моето Маџир маало беше фудбалско маало. Имавме едно плато на самата река како главно игралиште кое се наоѓаше веднаш до Железниот мост, и едно песочно игралиште, исто така на кејот пред дрвеното мовче. Тука, и во школскиот двор, бев забележан од еден мој сомаалец Љубиша Николиќ кој, кога ме виде, буквално ме фати за рака и ме однесе на помошното игралиште на Вардар кај тренерот Урош Петровски. Се се одвиваше молскавично брзо. По само неколку тренинзи веднаш бев испратен кај тренерот Кокиновски во младинците. Така се приклучив на мојата генерација која беше веќе претходно добро селектирана. И, кога нешто ете сака да биде, на еден важен натпревар поради некои причини не можеше да дојде преталентираниот, стандардното лево крило Цубалевски. На тренерот му требаше левак. Јас тоа не бев, но кога ме праша дали ќе можам да играм на таа позиција, само климнав потврдно со главата. Веќе во првото полувреме постигнав гол, и тоа со лева нога, за 1-0, а во второто полувреме уште еден, повторно со лева, и навистина полетав. На натпреварот беше присутен и Миле Миланов, кој заедно со Раде Чапаровски, голманот Георгиевски, Бранко Давидовски во 1949 година го освоија и првиот младински куп за Вардар, а во 1961 година, пак, беше дел и од тимот, заедно со Кокиновски, Илиевски, Тоде Георгиевски, Шулинчевски…., кои го освоија големиот пехар од Купот на Маршал Тито. Миланов, добро се сеќавам, веднаш му кажа на тренерот: ‘Праќај го малиот одма во првиот тим’. Ете така почна мојата фудбалска кариера во Вардар“ – се потсетува Диме Георгиев.

Младинците на Вардар од 1949 година кои го освоија трофејот во Купот на Југославија во младинска конкуренција

1965 – ГОДИНА НА СЛАВЈЕ, СЕНИОРСКИОТ ТИМ ВО ПОЛУФИНАЛЕ НА КУПОТ, МЛАДИНЦИТЕ ВО ФИНАЛЕ СО ПАРТИЗАН

А, таа 1965 година е и тоа како успешна година во историјата на клубот. Можеше да биде и максимално значајна. Има пет моменти за едно такво размислување.

Прво, генерацијата која почна да ја создава Хуго Рушевљанин предводена од Мето Спасовски и која ќе донесе многу радости во следните десеттина години на Градски, ќе има извонредна можност да ја повтори историската 1961 година. На домашен терен, во еден натпревар ќе биде со можност во полуфиналето против Будуќност да обезбеди билет за финалето во Купот на Југославија на 25 мај. Вардар, пред мечот, беше издвоен како голем фаворит против Црногорците. Но, за жал, пред 15.000 навивачи на Градскиот стадион Будуќност ја однесе победата со 0-2 и обезбеди пласман во финалето.

Второ, во предигра на тоа полуфинале и младинскиот тим во Скопје, славеше против хрватскиот БСК со 2-1 и се пласираше во големото финале на Купот.

„Зошто не отпатував во Белград на тоа финале од младинскиот Куп и денес не ми е јасно. Вардар играше во финалето против младинскиот тим на Партизан, и навистина, како што пренесуваа медиумите потоа, бил одличен натпревар пред повеќе од 10.000 гледачи на стадионот ‘ЈНА’. Вардар, искористувајќи ја иницијативата, поведе со голот на Спирoвски во 72. минута, но Партизан со голови во 76. минута и 80. минута со пресврт дојде до победата. Тој млад Вардар, според сите аналитичари, таа година го заслужи трофејот од Купот, на повеќе од достоен начин репрезентирајќи го македонскиот фудбал и во тоа големо финале“ – вели Диме Георгиев.

Младинскиот состав на Вардар од 1965 година кој стигна до финалето во Купот на Југославија

Третиот момент е легендарниот, незаборавен, натпревар од последното коло во есенскиот дел од шампионатот на поранешна Југославија. Вардар во тој меч влезе како второпласиран на табелата, но доживеа еден несреќен пораз од 5-4 во феноменален меч против финалистот таа година во Купот на европските шампиони, белградски Партизан, кој имаше извонреден состав.

„Играв на тој натпревар, иако младинец. Навистина штета, имавме навистина добри состави, но ете не успеавме во двата меча, во двете конкуренции… Како и да е, остануваат уште два моменти за одбележување од таа 1965 година“ – се потсетува Георгиев.

А, по возбудливите настани тој мај 1965 година, низ првите денови на јуни во прекрасна атмосфера, младинците на Вардар, овој пат максимално подготвени, ќе седнат во вечерниот воз во Скопје, кој по дводневно патување, ќе ги однесе до Баден Баден… Во уште една незаборавна приказна!

ПРОДОЛЖУВА: Полни актовки, Баерн Минхен на колена и освоениот „кајзеров пехар“!

Се вчитува...