Шаќири: Фаворити сме на хартија, но мора тоа да го покажеме и на терен

Фудбалерите на македонскиот прволигаш Шкендија утре на домашен терен ќе го пречекаат ерменскиот Арарат во натпревар од 1. коло од квалификациите во „најмладото“ натпреварување на УЕФА, Конференциската лига.

Тренерот на тетовци, Артим Шаќири пред мечот вели дека иако се фаворит на хартија на теренот треба да покажат многу повеќе.

„Добро се подготвивме, подготовката беше тешка. Го анализиравме противнимот до максимум и подготвени сме да влеземе максимално. Фаворити на хартија сме, но на терен сакам да бидеме повеќе од тоа. Екипата е подготвена и чекаме да почне мечот. Наша помош ќе бидат и навивачите“, изјави Шаќири. 

Капитенот на Шкендија, Егзон Бејтулаи сака повторно тимот да игра против големи клубови, како што тоа беше во минатото.

„Имавме две неуспешни години во Европа, но сега тоа е зад нас. Подготвени сме повторно да носиме добри екипи во Скопје како што беше во минатото. Атмосферата во екипата е добра и сакаме победа“, изјави Бејтулаи. 

Натпреварот кој ќе се игра на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје е со почеток во 20 часот.

Се вчитува...