Шаќири: Имаме одличен резултат, нѐ чекаат уште пеколни 90 минути

Шефот на стручниот штаб на Шкендија, Артим Шаќири по натпреварот со Арарат кој заврши со 2-0 за тетовци, искажа задоволство од резултатот, но напомена дека Шкендија го чека „пеколен“ реванш во Ереван.

Шаќири напомена дека противникот добро ги анализирал тетовци, но дека неговиот тим на крајот ги искористил шансите и на крајот стигна до одлична победа.

„Тоа што се виде на мечот, дека имаа подготвено игра каде што не следеа последните четири натпревари. Се виде дека сакаа да направат нешто, пробаа да не спречат каде што сме посилни, но ние ги реализиравме шансите кои се пружија. За жал можевме да победиме со поголема разлика, но 2-0 е одличен резултат за првиот меч. Не чекаат пеколни 90 минути во Ерменија, и времето таму е такво, но мора да играме и нема откажување од тоа“, изјави Шаќири. 

Тој напомена дека добро ќе се анализира натпреварот за на реваншот да не се повторат некои грешки кои се појавија.

„Имаме време до четврток. Имаа две ситуации каде што може да не загрозат. Нормално треба среќа, овој пат беше на наша страна. Во моментов не можам ништо да кажам, нормално ќе го анализираме натпреварот и да ги поправиме грешките, за да не се случат истите на реваншот“, рече шефот на стручниот штаб на тетовци.  

Се вчитува...