Шампионот прими 153 коша на домашен терен, Порзингис му се одмазди на Дончиќ

Шампионот на НБА-лигата, Милвоки бакс, претрпе неочекувано убедлив пораз на домашен терен од ЛА Клиперс, со 119-153, со што бакси си ги намалија шансите во трката за првото место во Источната конференција. По првото  полувреме гостите од Лос Анџелес имаа „само“ единаесет поени разлика, но потоа ја добија третата четвртина со убедливи 26-41 и практично го решија прашањето на победникот на 12 минути до крајот. Ковингтон го одигра мечот на кариерата, постигнувајќи 42 поени, притоа погодувајќи дури 11 тројки за победничкиот тим. Далеку под својот просек во таборот на Милвоки беше Адетокумбо, кој го заврши мечот со 12 поени.

Вашингтон го демолираше Далас со 135-103, во пресметката на Порзингис и Дончиќ, доскорешните соиграчи од Далас за кои често се пишуваше дека се далеку од пријателски настроени еден кон друг. Дончиќ можеби беше најефикасен на теренот со 36 поени, но Порзингис беше тој што се радуваше на крајот, по беспрекорното издание на Вашингтон во текот на сите четири четвртини. Летонецот го заврши дуелот со 24 поени, а најдобар поединец во победничкиот состав беше Колдвел Поуп, кој реализираше 35 поени.

Денвер по три победи во низа синоќа загуби на домашен терен од Минесота, тим со кој води битка за место кое директно носи во плејофот. Јокиќ беше одличен, стигнувајќи до 38 поени, 19 скокови и осум асистенции, но остатокот од тимот потфрли, па Минесота на крајот се радуваше на победата.

Мемфис го совлада Феникс со 122-114 во дерби-дуелот на двете екипи со најдобар скор во Западната конференција. Букер постигна 41 поен за Феникс, но и тоа беше недоволно за да се избегне пораз од Мемфис, во чии редови најефикасни беа Брукс со 30 и Вилијамс со 19 поени.

Резултати НБА:

Орландо – Торонто 89-102, Вашингтон – Далас 135-103, Бостон – Индијана 128-123, Хјустон – Сакраменто 117-122, Мемфис – Феникс 122-114, Милвоки – ЛА Клиперс 119-153, Оклахома – Детроит 101-110, Сан Антонио – Портланд 130-111, Денвер – Минесота 130-136, ЛА Лејкерс – Њу Орлеанс 111-114.

Се вчитува...