Шчешни: Се плаче само за пеналите за Јувентус, а за оние другите сите молчат

Голманот на Јувентус, Војчех Шчешни, реагираше на честите обвинувања на адреса на „старата дама“ околу пеналите што се судат во корист на најтрофејниот италијански клуб.

„Никој не зборува ништо кога ќе има пенал за некој друг клуб, но ако се досуди за Јуве, тоа само по себе е тема за дискусија. На судискиот состанок пред неколку месеци беше објавено дека пеналите за Лече и за Торино против нас биле судиски грешки и не требало да се досудат. Не прочитав некој медиум да го пренесе тоа. Само се чека некој судија да покаже на белата точка во наша корист, за да се почне со анализи и да се докаже дека бил непостоечки“, истакна Шчешни.

Воедно, полскиот репрезентативец го пофали Матијс де Лијт, тврдејќи дека холандскиот ас допрва ќе ја покаже својата вредност во дресот на „старата дама“.

„Де Лихт немаше среќа, неколку пати играше со рака во шеснаесетникот, беа досудени пенали, но тоа не го менува фактот дека станува збор за извонреден играч. Тој е „животно“ во дуелите, а воедно и знае да игра одлично кога ја има топката во нозе. Најдоброто од него допрва следи“, порача голманот на Јуве.

Се вчитува...