Доаѓањето на Леброн Џејмс во таборот на лејкерси придонесе кошарката повторно да стане спорт број еден во Лос Анџелес, а раководството на клубот не планира да застане тука. „Езерџиите“ не успеаја во намерата да го ангажираат Кави Ленард од Сан Антонио, но не се откажуваат од намерата да состават силен тим околу Леброн, со што би можеле да се борат за највисок пласман со актуелниот првак Голден стејт вориорс. Многумина сакаат да бидат дел од овој нов проект, а според Шекил О’Нил, еден од нив е и неговиот долгогодишен соиграч од лејкерси, Коби Брајант.
О’Нил, кој работи како стручен аналитичар во една американска телевизија, беше прашан дали би можел да се врати на терените како соиграч на Леброн, по што следеше изненадувачки одговор.
„Не, јас сум готов. Но според она што го слушам, Коби Брајант се враќа. Точно така, Коби се враќа, а запамтете дека јас прв го кажав тоа“ – изјави О’Нил.
Брајант засега молчи на темата, овој кошаркар ја заврши кариерата на крајот од сезоната 2015/16, а сериозни се сомнежите дека на 39-годишна возраст би се вратил назад за игра, макар и тоа било крај „кралот“ Џејмс. Можеби Шекил знае нешто повеќе, или пак станува збор за шега на сметка на поранешниот соиграч.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА