Шенсои: Сакаме победа за честа на Пелистер, и за нашите навивачи!

Шефот на стручниот штаб на Пелистер, Наџи Шенсои пред утрешниот реванш натпревар од 2. квалификациско коло за Лигата на Европа против Лех Познањ вели дека „зелените“ незаслужено доживеале висок пораз од 4-0 во Полска, на кој му кумувале и судиите. Токму поради тоа сега сакаат на дуелот во Струмица да покажат дека разликата меѓу двата тиме не е толкава, како што кажува резултатот од првиот меч.

„Како тренер странец би сакал да потенцирам дека сакав Пелистер да има малку повеќе надеж за реваншот. По 4-0 на првиот натпревар, не велам дека е невозможно, но сепак е многу тешко да се елиминира тим како Лех Познањ. Полските фудбалери можат да бидат среќни што не постоеше видео судија на првиот натпревар во Познањ. Одговорно тврдам дека португалскиот судија има одговорност при првите два гола на Лех. Тоа е доволно за да ја убие нашата самодоверба. Сега ни преостанува само да им честитам на челниците на УЕФА за воведувањето на видео технологијата во фудбалот“ – рече Шенсои на денешната прес-конференција во Струмица.

nadzi sensoi

Стратегот на „пелистерци“ вели дека неговите фудбалери утре ќе играат за честа на тимот…

„Утре ќе играме за честа и за зголемување на коефициентот за идните сезони во Европа. Гледате дека учеството на Работнички со години наназад, веќе им даде плодови со тоа што го извлекоа тимот од Сан Марино. Тоа е патот кој сака да го следи и Пелистер. Ни преостанува да се надеваме дека ќе извојуваме победа за честа и за нашите навивачи“ – истакна Наџи Шенсои.

Натпреварот меѓу Пелистер и Лех Познањ се игра утре од 17 часот на стадионот „Младост“ во Струмица.

Се вчитува...