Шест „парчиња“ од Работнички за Тре Пене

Работнички, според очекувањата, лесно и убедливо го совлада Тре Пене, претставникот на Сан Марино, со 6-0, и се пласира во второто квалификациско коло од Лигата на Европа, каде ќе го очекува победникот од дуелот меѓу Динамо Минск (Белорусија) и Рунавик (Ф. Острови).

„Романтичарите“ по триумфот од 0-1 на гости, дома ја потврдија својата класа и славеа многу поубедливо. Бојан Најденов беше стрелец на два гола, исто како и Стојанче Велинов, серијата ја отвори Суад Сахити, а во листата на стрелците се запиша и Кире Маркоски.

Работнички по бавниот старт полека почна да создава шанси. Во 23.минута, Трајчевски и Сахити создадоа шанса, но Велинов не успеа да го стигне центрашутот во петерецот. Две минути подоцна, Суад Сахити продре по десната страна, шутираше, но крај дирекот.

Во 28.минута, „романтичарите“ поведоа. Сахити и Дурански одлично проиграа по десната страна, а првиот влезе во шеснаесетникот и со одмерен удар ја затресе мрежата на Тре Пене.

IMG_0042

Пред крајот на првиот дел, Кире Маркоски излезе сам пред противничкиот голман, шутираше, но Мигани одбрани со нога. Сепак, две минути подоцна, 2-0 за македонскиот тим. Бојан Најденов се најде на вистинското место и од десетина метри ја спроведе топката во мрежата.

На стартот од вториот дел, „романтичарите“ имаа убава можност за трет погодок. Најденов во 49. минута со шут од 14 метри го погоди десниот дирек од голот на Тре Пене. Две минути подоцна и Дурански имаше удар со глава, но за малку крај голот.

IMG_0234

Во 60.минута, Бојан Најденов го постигна својот втор погодок на овој меч. Распали од 25 метри изведувајќи слободен удар и ја затресе мрежата на Тре Пене. Работнички продолжи со офанзива, па Кире Маркоски во 71.минута постигна четврти погодок. Во текот на акцијата, Емир Сахити го погоди дирекот, но топката се одби до Кире Маркоски, кој ја затресе мрежата на противникот.

IMG_0207

Во завршницата, уште голови. Во 80.минута, „романтичарите“ поведоа и со 5-0, а двеминути подоцна и со 6-0. Стојанче Велинов беше стрелец на двата гола.

РАБОТНИЧКИ – ТРЕ ПЕНЕ 6-0 (2-0)

Комплекс „Петар Милошевски“ во ФФМ. Гледачи: 1.000. Судија: Манфредас Лукјанцукас (Литванија). Стрелци: С. Сахити 28’, Најденов 43’, 60’, Маркоски 71’, Велинов 80’, 82’ (Работнички). Ж. Картони: Рашо (Работнички), Мерендино, Мартини, Сучи (Тре Пене).

РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Рашо (62’ Илиев), Митрев, Шиков, Херера, Трајчевски, Најденов, Дурански (69’ Е. Сахити), С. Сахити (79’ Кадриу), Велинов, Маркоски.

ТРЕ ПЕНЕ: Мигани, Мерендино (81’ Сучи), Патрењани, Фратернали, Чесарини, Роси, Гаи, Палаци, Мартини, Симончели (73’ Калцолари), Морети (65’ Сантини).

Се вчитува...