Шилегов: Вардар должи 3,5 милиони евра, Самсоненко да ги врати парите

Преговорите за продажба на Вардар во рацете на катарски инвеститори се уште се во тек, но за тоа да се реализира ќе мора најпрвин да бидат покриени сите долгови што ги има актуелното раководство на „црвено-црните“. Русинот Сергеј Самсоненко го донесе Вардар на работ на амбисот и се уште не почнал со исплата на огромните долгови што ги создаде низ годините со кои раководеше со клубот.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во интервју за „Канал 77“ говореше и за ситуацијата во Вардар, обелоденувајќи дека долговите на клубот изнесуваат околу 3,5 милиони евра, огромна сума за која единствени виновници за Самсоненко и неговите најблиски соработници во управата на „црвено-црните“.

„Долгот на Вардар изнесува околу 3,5 милиони евра. Вардар беше даден без долгови и со играчки фонд од околу шест милиони евра, а сега играчите вредат 800.000 евра. Значи ние имаме загуба во вредноста на клубот. Јас не можам да дозволам градот да го преземе Вардар со долг од 3,5 милиони евра, ниту на градот му е дадена гаранција дека тој долг може да биде наплатлив. Ако го преземеме вака клубот со долгови, тоа е кривично дело. Имаше неколку ветување од Сергеј Самсоненко дека ќе ги подмири долговите, вклучително и последното до 31 јануари дека ќе ги исплати играчите, што не се случи“, вели Шилегов.

Тој потврди дека Град Скопје дал свој придонес за одблокирање на сметката и добивање на ваучер, но дека долговите на Самсоненко се главен проблем за наоѓање на нов сериозен инвеститор во Вардар.

„Јас како градоначалник и Владата, зашто ПУИГ е сопственик на 49 отсто од акциите преземавме дејствија околу каматата (5 милиони денари) да се избрише за дебклокада, плус уплативме 5,8 милиони денари со цел да се деблокира сметката. Исто така, го замоливме Панчев да ја тргне блокадата, што и се случи и го доведовме клубот да може да аплицира со ваучерите од околу 340.000 евра за да се заврши сезоната. Патем бараме стратешки партнер за Вардар и очекуваме во текот на март да биде решено. Посветени сме на решавање на проблемот, превземаме конкретни чекори, но мислам дека за жал Вардар се злоупотребува во политичка смисла. Дали мислите дека ако дојде некој нов спонзор, на што интензивно работиме, дека така ладно ќе прифати да плати 3,5 милиони евра долг. Не е едноставно. Вардар е дел од македонската традиција, најдобар и најреномираниот клуб во Македонија и никој нема намера да го пушти низ вода. Но секој треба да си ја преземе одговорноста, тој што го направил долгот треба да си го плати. Немаме совршено никаков имот на Вардар, зошто е така – не знам. Академијата е на сопругата на Самсоненко, тренинг-центарот во Гази Баба (Хиподром – н.з.) е јавно приватно партнерство на општината и РК Вардар“, открива Градоначалникот на Скопје.

Се вчитува...