Шкендија две години нема првенствен триумф над Вардар… Стефан Вујчиќ: Ете ни мотив!

Цели две години Шкендија не знае за првенствена победа против Вардар. Изминатиов период има триумф единствено во куп натпреварите, но низ двата досегашни шампионати целосна доминација на „вардарци“.

Последната првенствена победа на дерби пресметките со Вардар, Шкендија ја има на 12. мај 2015 година кога во Кичево славеше со 1-0, со погодокот на Абдула во 81. минута. И покрај тоа тетовци имаат подобра статистика кога се во прашање дуелите на домашен терен против Вардар. Од 22 одиграни натпревари Шкендија има 11 победи, наспротив 9 порази и две ремија.

Па, во денешното 29. коло од Првата македонска фудбалска лига сигурно Шкендија има повеќе од добар мотив да го прекине двегодишниот пост, и оние седум едноподруго дуели без триумф, од кои пет порази и две ремија. Без разлика што, се чини, битката за титула е веќе решена…

„Атмосферата во тимот е навистина добра. Важно за нас беше да се пласираме во финалето од Купот на Македонија, а за сите е јасно дека во првенството има голема бодовна предност за Вардар. Но, за нас на дуелите против Вардар не ни треба некој посебен мотив. Сигурно сакаме да победиме на денешниот натпревар, за нас и за дополнителна самодоверба пред големото финале во Купот“ – вели моторот во средниот ред и еден од најдобри фудбалери на Шкендија, Стефан Вујчиќ.

И во двата табори ќе недостасуваат капитените Ферхан Хасани и Бобан Грнчаров кои се суспендирани поради меѓусебната физичка пресметка на реваншот од полуфиналето во Купот. Поради инцидентот и влегувањето на навивачи на терен, пак, Шкендија е казнета со шест натпревари играње без публика во Тетово. Па и денешниот дерби дуели ќе биде пред празен стадион….!

ДВОЈКИ – 29. КОЛО (денеска, 16 часот)

Тетово: ШКЕНДИЈА – ВАРДАР

Штип: БРЕГАЛНИЦА – ПЕЛИСТЕР

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – РЕНОВА

Прилеп: ПОБЕДА – СИЛЕКС

УТРЕ (16 ч.)

Скопје: РАБОТНИЧКИ – ШКУПИ

Се вчитува...