Шкендија ја освои Струмица и го следи пролетниот чекор на Вардар

Актуелниот првак Шкендија со триумф во дербито (1-2) против Академија Пандев на гости во Струмица го отвори пролетниот дел од првенството и ја врати негативата во однос на лидерот Вардар на осум бода. Тимот на Ернест Ѓока славеше со комплетен пресврт, откако „пандевци“ поведоа со ран погодок на овој меч.

По една добра акција на Дориев, употреблива топка во шеснаесетникот доби Даниел Миловановиќ и со прецизен удар успеа да го совлада Костадин Захов уште во петтата минута. По примениот гол, Шкендија тргна офанзивно, домаќинот се повлече и тоа резултираше со израмнување во 23.минута.

Агим Ибраими нафрли од левата страна, а Арменд Алими со удар со глава ја погоди мрежата на Академија Пандев. До крајот на првиот дел, обиди имаа Агим Ибраими и повторно Алими, но без успех.

На стартот на вториот дел, Ндуе Мујеци имаше одлична шанса повторно да го врати водството на домашните, но не беше прецизен. Во 55.минута беше досуден пенал за Шкендија, по грубиот старт на Диме Димов над Бесарт Ибраими во шеснаесетникот. Најстрогата казна успешно ја реализираше Агим Ибраими за комплетен пресврт.

До крајот, Самир Фазли имаше можност да го зголеми водството на гостите, Академија Пандев се трудеше да израмни, во финишот Мујеци имаше супер-шанса, но Захов успеа да одбрани. Бодовите сепак патуваат за Тетово. Шкендија се зацврсти на втората позиција на табелата со 31 бод, осум помалку од лидерот Вардар.

Се вчитува...