Шкендија, како никогаш претходно последниве десет години, огромен фаворит против Вардар

Како никогаш досега во последните десет години Шкендија е огромен фаворит против Вардар во 20. коло од Првата македонска фудбалска лига. Сето тоа поради незавидната финансиска ситуација во која западнаа „црвено-црните“ и бројните заминувања од клубот за време на зимската пауза.

„Свесни дека Вардар се соочува со кризни моменти, но тоа не не залажува. Максимално сериозно ќе му пристапиме на натпреварот во желбата за победа. Мора да бидеме сериозни затоа што овој тим на Вардар има и искусни индивидуалци кои може да решат натпревар“ – вели стратегот на Шкендија, Ернест Ѓока.

Свесни за сопствената состојба се и во Вардар. Но, како што најавуваат, нема со бело знаме да патуваат во Тетово…

„Вардар нема да оди со бело знаме во Тетово. Шкендија е голем фаворит на натпреварот, но ние нема лесно да се предадеме. Се уште сме во фаза на подготовки бидејќи заедно одработивме само десет тренинзи. Десет искусни фудбалери ни заминаа од тимот, додадов десет од младинската школа и имаме уште пет шест искусни кои се носители на играта. Младите имаат шанси да се докажат и да покажат дека заслужуваат да го носат „црвено-црниот“ дрес. По Шкендија веќе во среда не очекува нов меч во Тетово, против Ренова и затоа мора да комбинирам со составот. Сепак, нема жалење, бидејќи да не верував во овој тим јас немаше ниту да го прифатам овој предизвик“, вели Никола Илиевски – Џиџи.

ПРВА ЛИГА – 20. КОЛО (денеска, 14 ч.)
Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – БОРЕЦ
Тетово: ШКЕНДИЈА – ВАРДАР
Скопје: ШКУПИ – АК. ПАНДЕВ
Струмица: БЕЛАСИЦА – СТРУГА ТЛ
Битола: ПЕЛИСТЕР – РЕНОВА
ВЧЕРА
Скопје: РАБОТНИЧКИ – СИЛЕКС 1-1

Се вчитува...