Шкендија по победа и во Ереван за „печат“ на пласманот во 2. коло во КЛ

Ерменските клубови се како „судбина“ за нашите екипи во Европа. Од Пјуник, до Алашкерт, речиси секоја година македонските претставници добиваат противници од Ерменија. До пред две години тие клубови беа „кошмар“ за македонските тимови на меѓународна сцена. Се сеќаваме на „катастрофата“ на Победа со Пјуник, па елиминацијата на Вардар од истиот тим, Алашкерт си поигруваше со Македонија ЃП…

До пред две години македонска екипа немаше победа во Ереван, се до 2020 година кога Ренова во Ереван го совлада тимот на Алашкерт и го елиминираше од тогашната Лига на Европа. Денеска Шкендија има шанса да елиминира ерменски тим. Тетовскиот тим го игра реваншот во 1. квалификациско коло во Конференциската Лига против Арарат Ереван, и патува во главниот ерменски град со предност од 2-0 по првиот меч.

Дека ништо не е готово и со оваа предност, добро покажа тимот на Шкупи кој во вторникот на „мускули“ го мина тимот на Линколн од Гибралтар, и покрај тоа што на гости отпатува со предност од 3-0. На крајот поразот од 2-0 на македонскиот првак беше среќен, и значеше продолжение на патот во ЛШ и два меча со Динамо Загреб.

Сепак, од Шкендија потенцираат дека нивната цел е да се пласираат во следната рунда.

„По добрата игра и позитивниот резултат од првиот натпревар, сега не чекаат уште 90. минути. Ќе влеземе во натпреварот да извлечеме позитивен резултат. Го анализиравме првиот меч, и верувам дека со максимална посветеност на теренот ќе успееме да се пласираме во следната рунда“, изјави Ферхан Хасани.

Натпреварот започнува во 17 часот. Тетовци ги чека топло време, навивачи на Арарат кои ќе дадат поддршка на домашниот тим, и мотивиран противник кој ќе сака да ја стигне предност и да се пласира во следната фаза.

Се вчитува...