Шкендија пред победа: Има предност од 2-0 на полувреме против Арарат

Шкендија има солидни 2-0 против Арарат по првиот дел во 1. квалификациско коло во Конференциската лига. Шала и Нафиу ги постигнаа головите за тетовскиот тим. И покрај тоа што Арарат во три наврати одлично се закани, сепак, Шкендија ги искористи своите шанси и заслужено има предност од два гола на полувремто.

Првата закана дојде од гостинскиот тим кога Глишиќ уште во 1. минута имаше шанса по пробивот на гостите по левата страна, но неговиот удар го одбрани Захов во корнер.

Шкендија потоа ја презеде иницијативата, и тоа даде плод во 21. минута кога Шала успеа да погоди. Акција по левата страна преку Дориев, кој се обиде да го пронајде Гури на пет метри, интервенираше одбраната на Арарат, а топката стигна до Шала кој само спроведе во празната мрежа.

Веднаш по голот шанса за Дориев и тоа одлична, го совлада Потапов, но Прљевиќ интервенираше пред топката да ја мине гол линијата.

Потоа во финишот мал пад во играта на тетовци, па две шанси за Арарат. Најпрво Мкојан осамен пред Захов, шутира, но голманот на Шкендија брани. Захов потоа го одбрани ударот и на Малакјан од триесетина метри. Во финишот на првиот дел и нешто погруба игра, па и два жолти картони на Дита, Цаке и Нафиу.

Сепак, во иницијативата на Арарат, Шкендија „заби“ и втор гол. Стрелаше Нафиу од дваесетина метри, откако доби една топка и без размислување со надворешниот дел од копачката погоди во левиот агол за водство од 2-0 на полувремето.

Се вчитува...