Шкендија „прокоцка“ водство од 0-2, но се пласираше во 2. коло во ЛК (ВИДЕО)

Шкендија одигра 2-2 на гостувањето во Ереван кај Арарат, и се пласираше во 2. квалификациско коло во Лигата на Конференции. Ерменскиот тим успеа да се врати од 2-0 по првиот дел, со два прекрасни гола, но не и да го загрози патот на Шкендија во следната фаза. Тетовци одиграа одлично по првиот дел, имаа водство од 0-2, можеа да стигнат и до 0-3, но избраниците на Артим Шаќири како да се задоволија со тој резултат, па му дозволија на Арарат во вториот дел да стигне до „реми“ кое беше доволно тетовци да продолжат во следната фаза.

Уште во својата прва акција Шкендија дојде до водство, иако имаше и малку среќа. Уште во 2. минута еден противнапад на десната страна Шала сакаше да го проигра Дориев на другата страна, а Браво во обид да интервенира си постигна автогол.

После две минути се тресеше и мрежата на Шкендија од слободен удар, меѓутоа голот беше поништен поради офсајд.

Во 25. минута „зицер“ на Дориев, кој излезе сам пред голот, но шутираше само крај голот на Арарат. Ако погодеше Дориев, тоа веројатно ќе беше крај на сите надежи на Арарат. Дориев во 35. минута имаше уште една прилика. Убав дриблинг и удар, но чуварот на мрежата на домашниот тим успеа да одбрани и да спаси водство од два разлика за Шкендија.

На крајот од полувремето Шала имаше шанса, меѓутоа во завршницата шутираше млако.

Во судиското надополнување, во 48. минута беше досуден корнер за Шкендија, кој го изведе Хасани и одлично го проигра Гури, кој со глава погоди во голот на Арарат.

На стартот од вториот дел, трошка надеж за Арарат. Малакјан во 48. минута собра еден „отпадок“ од шеснаесетникот, и од 23-24 метри шутираше силно под пречката на немоќниот Захов, и успеа да го намали водството на Шкендија, но ерменскиот тим и натаму беше далеку од следната фаза.

Хасани во 54. минута имаше супер шанса по нафрлена топка од Незири да зголеми на 1-3, но неговиот обид во последен миг беше изблокиран, а топката „профуче“ крај левиот дирек.

Беше мирно се до 78. минута кога Арарат со двојна шанса се закани по голот на Шкендија, но немаше реализација.

Тоа како да беше најава за голот во 79. минута по кој Ерменците дојдоа до израмнување. Прекрасен гол на Малакјан кој од десната страна убаво шутираше во аголот од голот на Захов, кој беше краток да ја стигне топката.

До крајот на средбата ниту едниот, ниту другиот тим не дојде до прилика да дојде до победата, и така ова беше резултат кој му одговора на тетовскиот тим кој со вкупни 4-2 избори пласман во 2. коло во Конференциската Лига.

Се вчитува...