Шкендија против Арарат сака враќање на старата „европска слава“

Екипата на Шкендија вечерва против Арарат ја почнува европската авантура во Лигата на Конференции. На Националната Арена „Тодор Проески“, тетовци против себе имаат ерменски предизвик. Сакаат што подобар резултат за помирен реванш, но и почеток на враќањето на старата „европска слава“ кога „црвено-црните“ имаа за ривали екипи од рангот на Милан, Тотенхем, Салцбург…

Шкендија лани имаше сезона за заборав во Европа, кога беше елиминирана од послабите од неа Мура и Рига, а сеќавањата се свежи и од 2019 година кога тетовци беа поразени од Номе Калју и Дуделанж.

Капитенот Егзон Бејтулаи вчера на прес-конференцијата потенцираше дека сето тоа е зад тимот, сето тоа е заборавено и сега се подготвени за нова успешна европска сезона, со надеж дека овој пат ќе направат чекор напред и ќе стигнат до групите, а тоа ќе значи и мегдан со некој посилен противник во ова натпреварување.

„Имавме лани неуспешна сезона во Европа, но сето тоа е заборавено. Сега сме пред нов предизвик, и се надеваме дека повторно ќе донесеме големи тимови тука. Атмосферата во екипата е одлична, сите сме подготвени да го дадеме максимумот за победа“, изјави Бејтулаи. 

Тренерот Артим Шаќири истакна дека неговиот тим е фаворит на хартија, но дека екипата тоа треба да го докаже.

„Добро се подготвивме за овој натпревар. Го анализиравме противникот до максимум и подготвени сме да влеземе максимално. Фаворити на хартија сме, но на терен сакам да бидеме повеќе од тоа. Екипата е подготвена и чекаме да почне мечот. Наша помош ќе бидат и навивачите“, изјави Шаќири. 

Се вчитува...