Шкупи да не ја повтори грешката: Шкендија во 2018 година за малку ќе „прокоцкаше“ 5-0…

Голема е предноста која Шкупи ја стекна на првиот натпревар против Линколн на домашен терен од 3-0. Не би требало Гибралтарците на домашен терен да успеат да ја стигнат предноста, колку и да е тешко и незгодно да се игра на тој терен.

Меѓутоа дека се е можно во фудбалот се покажа неодамна, поточно во 2018 година кога за малку ќе се случеше сензација, и тоа ќе се „изгореше“ тетовска Шкендија. Тетовци во првиот дуел од 1. коло во Лигата на шампионите во Скопје го совладаа Њу Сејнтс од Велс со 5-0. Се чинеше дека тогашниот македонски првак на реваншот ќе оди само „туристички“, да се прошета и да ја доврши работата. Но…

Избегната беше сензација, откако Њу Сејнтс победи со 4-0 на реваншот, недоволно да ја стигне предноста и да се избори барем за продолженија. Очигледно беше дека Шкендија премногу се опушти, влезе во мечот како да е готова работата, и за малку ќе зажалеше. Тоа треба да биде поука за Шкупи вечерва, дека се е можно во фудбалот, па дури дека може да се стигне ваква предност.

Познавајќи го карактерот на Гоце Седлоски, тешко дека ќе дозволи некакво опуштање на неговите играчи на овој реванш во Гибралтар. И самиот тој предупреди дека ништо не е готово и дека ќе бара од неговите играчи да го дадат максимумот и да ги исполнат сите задачи и покрај добрата предност од првиот меч.

Традицијата вели дека во последните три сезони, македонски првак нема поминато прво квалификациско коло во ЛШ. Шкендија загуби од Номе Калју и Мура, додека Силекс во 2020 година беше поразен и испадна од Карабах. Шкупи е на добар пат да ја сруши оваа непријатна традиција.

Се вчитува...