Шкупи тргнува во европска одисеја, внимателно до победа против Линколн во ЛШ

Македонскиот шампион Шкупи денеска ги отвора настапите на нашите екипи на Евро-сцената. Чаирскиот тим доби противник од мерка, Линколн од Гибралтар, сепак, од таборот на Шкупи со доза на внимателност влегуваат во мечот. Особено го споменуваат фактот што нивниот ривал вечерва минатата година играше во групната фаза во Лигата на Конференции.

Шкупи еден месец се подготвуваше за овој меч, беше на подготовки и во Турција, одигра пријателски натпревари со цел да ја воигра екипата која летово доби еден цел нов тим – 11 нови играчи. Многумина заминаа, позициите беа пополнети со неколку нови играчи, а како тоа ќе влијае на играта вечерва, објасни тренерот Гоце Седлоски.

„Точно, имаме нови 11 играчи во екипата и мислам дека добро се вклопија. Ќе треба време да се воиграат, меѓутоа добро сме подготвени за овој меч со Линколн затоа што го задржавме костурот на екипата и донесовме само нови играчи онаму каде што имаше потреба. Сигурен сум дека момците ќе го дадат максимумот да стигнат до победа“, рече Гоце Седлоски на вчерашната прес конференција. 

Седлоски уште еднаш повика на внимателност пред дуелот со Линколн.

„Никого не потценуваме, но одиме на добар резултат. За нас добар резултат е секако победа. Меѓутоа мораме да бидеме внимателни, затоа што имаме против себе противник кој многу трча, добро се брани, а лани играше во Лигата на конференции. Затоа вечерва не се сомневам дека играчите ќе излезат ќе ги исполнат задачите и ќе дојдат до победа“, изјави Седлоски. 

Капитенот на Шкупи, Кристијан Наумовски истакна дека Линколн е ривал по мерка, и додаде дека играчите не треба да мислат на Динамо Загреб, туку само на денешниот противник.

„Добивме ривал по мерка, можеби најдобриот за нас од таа група која можеше да ни падне. Секако дека ќе биде привилегија да играме со Динамо, но треба прво да ги одиграме овие два меча и да го добиеме, затоа нашите мисли се насочени само кон нас. Сакаме да го решиме мечот тука, и ако ни се пружи шанса, ќе ја искористиме“, вели Наумовски. 

Мечот се игра вечерва во 20:45 часот на Националната Арена „Тодор Проески“.

Се вчитува...