Шлаканица на стартот – кошаркарите преслушани од потпросечната Швајцарија

Кошаркарската репрезентација на Македонија претрпе пораз од Швајцарија (62-67) на стартот од претквалификациите за СП 2023, на почетокот од турнирот во Скопје. „Црвено-жолтите“ одиграа очајно, пред се во нападот, каде Бајиќ и неговите избраници немаа одговор за цврстата швајцарска одбрана. Повеќе од јасно е дека противникот воопшто не е премногу квалитетен, а фактот дека оваа селекција на Македонија губи убедливо од ваков ривал е најдобар знак за бездната кон која забрзано се движи мак-баскетот. Отсуството на голем дел од стандардните репрезентативци никако не смее да е изговор за оние кои денеска конечно добија шанса, да одиграат толку бездушно, без енергија и желба да се остави срцето на терен во репрезентативниот дрес.

Бајиќ го стартуваше мечот без Вајли во почетната петорка, со Магдевски и Стајиќ на бековскиет позиции, Мекиќ како крило и Трајковски и Крстевски задолжени за борба под обрачите. Мечот го почнавме катастрофално, Швајцарците по нецели четири минути поведоа со 2-9, принудувајќи го македонскиот селектор веднаш да побара тајмаут. Веднаш потоа следеа две тројки на Магдевски и на Бојан Крстевски, веднаш пооа Крстевски погоди и за два, па швајцарскиот кормилар на истекот од петтата минута го побара првиот тајмаут при 10-9 за Македонија. Гостите го свртеа резултатот во своја полза, погодија неколку шутеви од далечина, па со тројката на Роберто Ковач со звукот на сирената ја добија почетната четвртина со 17-22.

Лошото издание продолжи и во втората четвртина, во која во првите седум минути Македонија постигна само пет поени, а противникот поведе со 22-30. Очајни бевме во нападот, но исто така и во одбраната, па Швајцарците со фантастичен цепелин ставија печат на одличното полувреме, пред Магдевски да погоди за 25-35, резултат со кој се замина на одмор. Третата четвртина ја почнавме со тројка на Мекиќ, но потоа Трајковски промаши „зицер“ за „минус пет“, по што Швајцарија повторно влезе во серија и набрзина поведе со 28-42. Со поените на Вајли и Магдевски ја спуштивме негативата под десет поени (34-42), а швајцарскиот селектор веднаш реагираше со тајмаут. Мекиќ продолжи со одлична реализација од далечина, погодувајќи нова тројка за 40-46, пред Магдевски да реализира за 42-46. Швајцарија погоди тројка пред крајот на четвртината, па во последните десет минути се влезе со резултат 42-49.

Четвртата четвртина ја почнавме со истите проблеми со безидејност во нападот, па Швајцарија рутински ја одржуваше предноста. Македонија конечно се разбуди во 35. минута, кога со поените на Стајиќ и на Николов намаливме на 51-55, принудувајќи го противничкиот селектор на тајмаут. Ковач погоди тројка преку човек и ја врати предноста на Швајцарија на „плус девет“, една минута подоцна прецизен од далечина беше и Казади, па ниту атрактивните забивања на Вајли не помогнаа да стигнеме до целосен камбек. Одбраната потфрли во клучните моменти, па Швајцарија го задржа водството и на крајот заслужено славеше со 62-67, негатива што ја намаливме во последните минути преку Вајли и Мекиќ.

Вајли беше клучен играч во македонскиот табор со дабл-дабл од 15 поени и 13 скокови, Мекиќ реализираше 16, а Крстевски 13 поени за „црвено-жолите“.

Веќе в сабота нашите кошаркари ги очекува вториот меч од овие претквалификации, за ривал ќе ја имаме Словачка, а јасно е дека ќе мора да одиграме многу, многу подобро доколку сакаме да имаме шанса за триумф и пласман во главните квалификации за СП.

Се вчитува...