Шок на Мундобаскет: Втор пораз и елиминација на моќната Франција

Големиот фаворит за висок пласман Франција не успеа да се пласира во нокаут фазата од светскиот шампионат откако „триколорите“ го претрпеа и вториот пораз во рок од три дена, овојпат од селекцијата на Летонија со резултат 86-88. Французите во првото коло беа декласирани од Канада, денеска важеа за големи фаворити, но платија за катастрофалниот настап во самиот финиш и предвреме го завршуваат настапот на овој Мундобаскет.

Од самиот почеток Франција беше селекцијата што ја контролираше играта и резултатот на овој натпревар, а на периоди предноста беше и двоцифрена. На крајот од третата четвртина „триколорите“ водеа со 74-62 и се чинеше дека рутински ќе го приведат мечот до крај, но потоа Летонците почнаа да погаѓаат во нападот и внесоа неизвесност. Гобер беше еден од трагичарите со две нпочетнички лични грешки во последните две минути по кои Летонците рутински стигнаа до четири поени од линијата за слободни фрлања, за првпат поведувајќи на мечот на 38 секунди пред самиот крај.

Жагарс го промаши второто слободно фрлање при 66-68, Франција имаше напад за победа, но Франсиско не ја погоди тројката со звукот на сирената и овој меч заврши со огромен триумф на Летонија.

Канада и Летонија по првите две кола имаат по две победи и се веќе сигурни патници во следната рунда во пресрет на меѓусебниот дуел кој ќе реши која од овие две селекции ќе се пласира на првото место во оваа група.

Се вчитува...