Шок за Црвена Звезда: Дејан Станковиќ се сели во Италија?

Црвена Звезда направи уште еден голем чекор напред кон нова титула во Србија со вчерашниот триумф над Партизан, но еуфоријата денеска спласна по информацијата дека Дејан Станковиќ на крајот на сезонава би можел да го напушти кормилото на „црвено-белите“. Српската фудбалска легенда оствари одлични резултати откако седна на клупата на поранешниот европски првак, но проблем за Црвена Звезда е што со тоа Станковиќ го привлече вниманието на неколку италијански прволигаши.

Сампдорија е клубот што прв изразил желба да го доведе српскиот стратег. Договорот на Клаудио Раниери истекува на крајот од оваа сезона, а првиот човек на Самп сака токму Станковиќ да го наследи искусниот стратег, за да внесе „свежа крв“ во калчолигашот од Џенова. Интерес за Србинот искажал и неговиот поранешен клуб Лацио, кој токму во Станковиќ гледа идеално решение за нов тренер доколку не биде потпишан нов договор со Симоне Инзаги.

Стратегот на Црвена Звезда засега молчи, но се очекува тој сепак да го прифати предизвикот и да се врати назад во Италија, земјата каде ги мина најдобрите денови во својата играчка кариера, па сега да се обиде истиот пат да го изоди и како тренер.

Се вчитува...