Шокантно интервју на Роналдо: Јунајтед ме предаде, не го почитувам Тен Хаг, каде го најдоа Рангник…

Кристијано Роналдо ги шокираше фановите на Манчестер Јунајтед и целокупната англиска јавност откако португалскиот ас жестоко го нападна својот клуб, како јасен знак дека нема намера да остане на „Олд Трафорд“ по завршувањето на СП 2022 во Катар.

Тој во разговор со Пирс Броснан говореше буквално против сите во клубот, каде што се врати прифаќајќи го советот на Сер Алекс Фергусон.

„Се знае дека бев блиску до Манчестер Сити, но тогаш ми се јави Фергусон и ми кажа: Па ти не смееш да одиш во Сити, врати се назад во Јунајтед. И го послушав. Сепак, реалноста е сосема спротивна од она што се мисли во јавноста. Јунајтед се нема помрднато ниту милиметар откако Ферги си замина, што е поразително. Ова е клуб што мора да се бори за трофеи, а тоа не се случува. Искрено, се чувствувам предаден од Манчестер Јунајтед и од луѓето во и околу клубот, кои сакаа да ме избркаат. Како што рекол Пикасо, нешто треба да уништиш, за да изградиш нешто на негово место. Ако сакаат да почнат со уништување од мене, немам проблем со тоа“, изјави Роналдо.

Тој се осврна и на тренерите на клубот, актуелниот Ерик тен Хаг и неговиот претходник Ралф Рангник.

„Не разбирам како можеа да донесат тренер што не бил тренер во претходниот ангажман, за клуб како Јунајтед. Па јас немав слушнато за Рангник додека не дојде во Манчестер. Што се однесува до Тен Хаг, не го почитувам воопшто бидејќи и тој покажа дека не ме почитува мене“, прокоментира Португалецот.

Се вчитува...