Шола за ЕКИПА: Со ваква игра можете да го добиете Исланд

ЕКИПА во Минхен,

Стеван Цаневски

Легендарниот голман Владо Шола освои се што можеше да се освои со хрватската репрезентација под водство на Лино Червар, а деновиве е во Минхен во улога на стручен аналитичар. Во разговор за ЕКИПА тој ги искажа своите импресии за дуелот меѓу Македонија и Хрватска.

„Беше ова многу убав натпревар за следење, пред се поради тактичкото надмудрување меѓу двајцата селектори. Видовме убави акции на двете страни, напади „седум на шест“ во кои и Македонија создаваше чисти шутеви, но Шего беше одличен денеска и донесе предност уште во раната фаза од натпреварот. На крајот Хрватска заслужено славеше, но и Македонија се покажа во добро светло“ – истакна Шола.

Тој имаше можност да го види на дело и составот на Исланд, па во пресрет на нашиот меч од последното коло, во директна битка за втората рунда, Шола очекува максимално неизвесна битка.

„И Исланд има добра репрезентација, исто како и Македонија. На тој натпревар ќе нема фаворити, шансите се 50-50. Мислам дека со ваква игра како денеска можете да ги добиете Исланѓаните, доколку подобро ги реализирате чистите ситуации“ – прогнозира Владо Шола.

Се вчитува...