Шпанската Ракометна Федерација ќе биде принудена да најде нов селектор за сениорската репрезентација откако Жорди Рибера најави дека ќе си замине од кормилото на „црвената фурија“ по ОИ во Париз во 2024 година.
Тој би сакал да се врати на клупскиот ракомет, откако последниот ангажман му беше во Бидасоа во сезоната 2003/04, поради што нема намера да го продолжи договорот што му истекува во 2024.
„Доаѓа време за промени, па по осум години како селектор на Шпанија мислам дека е дојдено времето да си заминам. Во Шпанија има бројни одлични тренери, сигурен сум дека ќе најдат некој добар како мене, можеби дури и подобар. Немам потпишано договор со никого, наскоро ќе донесам одлука за следните чекори во кариерата“, изјави Рибера.
Овој стратег оствари одлични резултати како предводник на Шпанија, стигнувајќи до две титули на европските првенства во 2018 и во 2020 година, потоа бронза на ОИ во Токио и бронзени медали на светските првенства во 2021 и во 2023 година.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА