Шпанија лесно и убедливо славеше над Саудиска Арабија со 4-0, во вториот обид стигнувајќи до првата победа на СП 2026. Разочарувачките 90 минути со Зеленортските острови остануваат само во спомените, Шпанците денеска излегоа на терен максимално мотивирани, со бројни удари од самиот почеток торпедирајќи го противничкиот гол.
Целата работа беше завршена уште во првото полувреме, а во главна улога беше Ојарзабал. Шпанскиот напаѓач најпрвин му асистираше на Ламин Јамал при водечкиот погодок, за потоа Ојарзабал со два гола да зголеми на 3-0 по помалку од 25 минути игра.
Шпанците продолжија да доминираат, на одмор се замина со 3-0, а свесен дека победата е осигурана Де ла Фуенте ги повлече од игра стрелците Јамал и Ојарзабал. „Црвената фурија“ ги намали темпото и притисокот во второто полувреме, но сепак успеа да стигне и до четврти погодок, овојпат автогол на Алтамбакти по одбиената топка од голманот по ударот на Кукурелја.
„Црвената фурија“ во судиското продолжение постигна и петти погодок преку Феран Торес, но истиот беше поништен поради минимален офсајд на напаѓачот на Барселона, па оваа шпанска „симултанка“ во Атланта заврши со конечни 4-0.
Шпанците во третото коло ќе се сретнат со Уругвај во директна пресметка за првото место во групата, кое би требало да значи избегнување на Аргентина во првата нокаут фаза (доколку Аргентинците завршат како први во својата група).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
