Се е договорено: Лука Модриќ уште една година во дресот на Реал Мадрид

Капитенот на хрватската фудбалска репрезентација, Лука Модриќ станува слободен фудбалер на крајот на сезоната, но големиот ас ќе продолжи да го носи дресот на Реал Мадрид. Лука покажа максимална лојалност одбивајќи богати понуди од Саудиска Арабија и од САД, јасно ставајќи до знаење дека Реал е единствениот клуб за него и доколку не добие нов договор, тоа ќе значи и крај на кариерата.

Навивачите беа импресионирани од ваквиот став на ветеранот, а истото важи и за Флорентино Перез. Првиот човек на Реал долго тактизираше на оваа тема, но по последниот гест на Модриќ, Флорентино одговори на вистински начин наоѓајќи заеднички јазик за да го задржи Хрватот на „Сантијаго Бернабеу“. Првичната средба беше оценета како позитивна, а мадридскиот весник „Марка“ попладнево објави дека бил организиран заеднички ручек меѓу Флорентино и Лука, на кој биле договорени сите детали, па останува само уште официјализација преку клупската веб-страница на Реал Мадрид.

Во полза на нов едногодишен договор за Модриќ беше и неочекуваното пензионирање на легендарниот Тони Крос, кој одлучи дека претстојното финале од ЛШ ќе биде негов последен меч во дресот на Реал Мадрид. Анчелоти веќе најави дека не сака целосен ремонт во средниот ред, па така 38-годишниот Хрват ќе остане единствен ментор за помладите фудбалери од средниот ред како Белингем, Камавинга, Валверде, Чуамени и Гулер.

Се вчитува...