Дуро: Паузата ни беше добредојдена, со добар пристап сега до позитивен резултат со „пандевци“

По паузата поради репрезентативните настапи повторно се враќа и прволигашкиот фудбал на македонската сцена.

Тренерот на Струга ТЛ, Шпетим Дуро е задоволен од периодот за време на паузата на кој се одработи квалитетен тренажен процес кој треба да помогне на патот кон шампионската титула.

„Се разбира дека оваа пауза ја искористивме во сите аспекти на работата со тимот и тренажниот процес, но истовремено имавме и пријателски натпревар како контрола. Дефинитивно, состојбата на тимот е добра, тимот работеше исклучително добро, дури и на пријателскиот натпревар против Караорман. На тој дуел тестиравме и некои играчи кои немаат доволно првенствена минутажа. Навистина сум задоволен од досегашниот период во Струга ТЛ“ – вели стратегот на стружани.

Струга ТЛ сега ги очекува пресметката со Академија Пандев.

„Секој натпревар е тежок затоа што имаме одговорност за остварување на зацртаните цели, особено кога се соочувате со многу сериозен тим како Академија Пандев кој имаше и одличен натпревар против актуелниот шампион Шкупи. Сепак, верувам дека со вистински тимски пристап можеме да дојдеме до позитивен резултат“ – вели Дуро.

Се вчитува...