Унгарски Веспрем утрово и официјално објави дека е потпишан двегодишен договор со еден од најдобрите светски ракометни голмани, актуелниот чувар на мрежата на Вардар, Арпад Штербик.
Штербик во Вардар ќе биде до јуни 2018, а потоа во следните две години ќе биде на голот на Веспрем. Веднаш по официјализирањето на трансферот, Арпад Штербик ги објасни и причините за одлуката да се пресели во Веспрем на крајот од сезоната…
„Првиот договор со Веспрем ми беше пред 16 години, клуб во кој минав одлични денови. Потоа имав навистина големи успеси со Барселона и со Вардар, но сега повторно сакам да се вратам во врвот на европскиот ракомет токму со Веспрем. Затоа и ја прифатив оваа понуда од Веспрем“ – вели 38-годишниот Штербик и дополнува:
„Мојот договор со Вардар завршуваше во јуни 2018, а јас сакав да бидам поблиску до моето родно место, до моите родители, моите пријатели. Секако Веспрем е еден од најмоќните ракометни колективи во Европа, и тоа исто така ме привлекува. Едноставно средината е идеална за мене, имам многу пријатели тука и во блиската околина, а да не спомнувам дека и мојата сопруга ќе биде поблиску до својот роден град. Нашите деца исто така ќе биде подобро да растат и живеат во унгарското општество“.
Арпад Штербик, кој е Унгарец со српско државјанство, е роден 1979 година во Сента, Србија, во близина на Унгарија. Во Вардар е од 2014 година минувајќи четири одлични години во црвено-црниот дрес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА