Штерјовски: Камо среќа на секој меч да имаме вакво европско судење

Шефот на стручниот штаб на Победа, Зоран Штерјовски сосема очекувано е задоволен од победата над Силекс со која се прави значаен чекор кон опстанокот во лигата.

Победа славеше со гол од пенал во 91. минута, кој наиде на жестоки реакции од гостинските фудбалери. Но, Штерјовски вели дека судењето на мечот било европско за кое не може да има замерки од било кого…

„Психолошки тежок натпревар за нас, особено што имавме императив победа. На овој меч имавме за противник и една доста квалитетна екипа како што е Силекс која добро се бранеше и не ни дозволи многу простор за игра. Но, на крај сепак целиот труд се исплати со реално досудениот пенал од Мечкаровски. Комплетната судиска тројка морам да признам дека беше на високо ниво на овој натпревар. Сите нивни одлуки беа на место и навремени, иако некои од нив и не беа во наш прилог. Камо на секој натпревар да имаме вакво европско судење. Мислам дека со оваа победа малку ќе се оттргне целиот притисок кој беше врз сите нас, почнувајќи пред се од играчите, па стручниот штаб и раководството кое ни даде безрезервна подршка во овој тежок период. Честитки до моите фудбалери кои ‘изгинаа’ во желбата и покажаа како треба да се бранат боите на Победа во наредните натпревари“ – вели Штерјовски.

Капитенот на екипата Давор Талески и на овој меч ја сочува својата мрежа на меч одигран во Прилеп. Прими само еден гол на мечот со Шкупи и оттогаш неговата мрежа на стадионот на Могила мирува 329 минути…

„Навистина сум пресреќен за победата! На сите ни падна камен од срце што се вели. Се подготвувавме доста психички за овој натпревар бидејќи на нас ни беше најтешко од тој аспект и морам да кажам дека вложениот труд на крајот се исплати. Едноставно изгинавме на теренот за трите бода да останат во Прилеп и конечно да им донесеме радост на нашите верни навивачи ‘Мајмуни’. Исто така морам да потенцирам дека судиската тројка на овој натпревар беше на висина на задачата, судеше рамноправно во текот на сите 90 минути. На крајот ние ја искористивме шансата која ни се пружи и несомнено ова е заслужена победа. До крајот на првенството остануваат уште седум натпревари во кои треба да бидиме сплотени како никогаш досега. Победата над Силекс ни ја врати самодовербата. Во недела гостуваме во Скопје каде не очекува ново дерби со Вардар во кое нема да се предадеме лесно. На трите досегашни натпревари во ова првенство покажавме дека можеме да се надигруваме со шампионот. Можам да ветам дека ние ќе дадеме се од себе и на овој меч да извлечеме поволен резултат“ – вели Талески.

Се вчитува...