Штета: Бутел во драматичен финиш испадна од Купот на ЕХФ

Ракометарите на Бутел не успеаја да ја минат првата пречка во Купот на ЕХФ откако вечерва загубија на гостувањето против Запорожје со 29-24, па со само еден гол негатива во вкупниот двомеч не успеаја да го крунисаат европското деби и со пласман во следната рунда. Македонскиот тим по првиот меч имаше предност од 18-14, затоа му одговараше и пораз од четири гола во Украина, но за жал „бутелци“ потклекнаа во самиот финиш.

Запорожје беше подобар тим во првото полувреме, што домашниот состав го доби со 13-9, анулирајќи ја негативата од првата средба. Во вторите 30 минути можеше да се проследи апсолутно израмнет меч, а Бутел во последната минута успеа да стигне до посакуваниот резултат, намалувајќи на 28-24. За жал, домаќините го реализираа последниот напад за нивно големо славје, истовремено и огромно разочарување меѓу ракометарите и стручниот штаб на македонскиот суперлигаш.

Мајиќ беше најефикасен кај Бутел со осум погодоци, Печенковски постигна шест, а Милошевски четири гола за македонскиот тим при денешниот пораз.

Се вчитува...