Манчестер Сити со години градеше империја, но сега постои сериозна опасност сето тоа да се урне како кула од карти, по суспензијата од две години од настап во европските купови кое може да предизвика „домино-ефект“, заминување на тренерот и дел од клучните фудбалери од „Етихад“. Веднаш беше испратена жалба до Судот за Спортска Арбитража (ЦАС) во Лозана, одговорот сигурно нема да биде експресен, а „граѓаните“ во меѓувреме коваат неколку планови, во зависност од тоа дали изречената казна ќе биде поништена, или пак ќе остане во сила.
Пред челниците на клубот е тешка задача, а ова се клучните прашања што се поставуваат непосредно по ригорозната санкција кон актуелниот англиски првак.
Може ли ЦАС да ја поништи казната на УЕФА?
Неизвесно е колку ќе трае целиот процес, но Сити може да бара истиот да заврши до почетокот на сезоната 2020/21, или во спротивно да дојде до одложување на казната. Не се исклучува ниту можноста за жалба до редовен суд, доколку одговорот од ЦАС е негативен. Целиот процес траеше две години, така што адвокатскиот тим на „граѓаните“ веќе има собрано доволно аргументи за да го презентира својот случај.
ЦАС би можел да ја поништи казната на УЕФА, но тоа речиси никогаш не се случува. Аналитичарите тврдат дека „граѓаните“ во најдобар случај можат да се надеваат на преполовување на санкцијата, од две на една година неиграње во Лигата на шампионите, како што лани беше случај со Милан.
Ќе има ли казна во Премиер-лигата?
Согласно правилата, Англија ќе остане со четири учесници во ЛШ, што значи дека доколку Манчестер Сити не биде помилуван, место во елитното европско натпреварување ќе обезбеди и петтопласираниот тим на табелата.
Премиер-лигата исто така има свои правила и прописи околу финансиското работење на клубовите, па откако УЕФА докажа незаконско работење, сега може да следи и санкција во домашното првенство. Медиумите на „островот“ најавуваат одземање на бодови на Сити за следната сезона, но се очекува целиот случај Премиер-лигата да го разгледува дури по завршувањето на оваа сезона.
Што ќе се случи со Гвардиола?
Пеп Гвардиола создаде дрим-тим со кој доминираше на англиската сцена во последните две сезони, но не успеа да стигне ниту до полуфиналето од Лигата на шампионите. Европската круна е негов приоритет со Сити за сезонава, но голема е веројатноста дека тој летово ќе си замине од „Етихад“.
Јувентус нема да жали пари, за плата и за нови фудбалери, за да го убеди Гвардиола да си замине од Манчестер една година порано од предвиденото (неговиот договор со Сити истекува во јуни 2021 година).
Може ли да се купуваат нови фудбалери?
Изречената казна нема никакво влијание врз трансферите, како што претходно беа казнети други клубови за сосема поинакви прекршоци. Сити ќе може да купува нови фудбалери без никаков проблем, но неучеството во ЛШ ќе биде сериозен проблем при убедувањето на играчи од самиот крем на светскиот фудбал.
Што ако Сити стане европски првак?
Доколку Манчестер Сити стане европски шампион, казната во секој случај ќе остане на дело, а ќе дојде до преседан по стартувањето на ЛШ, актуелниот првак да не биде во можност да го брани трофејот. Исто така, на клупскиот мундијал Европа ќе ја претставува вицешампионот, бидејќи „граѓаните“ ќе немаат право да настапат на ова натпреварување иако ќе бидат валидни прваци на „стариот континент“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА