Што ќе остане од шампионскиот Партизан?

Партизан имаше извонредна сезона во АБА-лигата успевајќи да се искачи на тронот на регионалното натпреварување, откако во драматичната финална серија со 3-2 во победи славеше над вечниот ривал Црвена Звезда. Останува тагата кај „црно-белите“ за поразот од 3-2 од Реал Мадрид во четвртфиналето од Евролигата, но титулата во АБА одлично послужи за лечење на таа рана, кај тренерот Обрадовиќ и неговите избраници.

Сепак, нема многу време за славје кај управата на клубот бидејќи на сите им е јасно дека допрва ќе следи потешкиот дел од задачата, да се задржат клучните играчи кои се наоѓаат на излезна врата. Она што е најважно за КК Партизан, на чело на тимот останува Жељко Обрадовиќ, трофејниот стратег кој е најзаслужен за оваа одлична сезона.

Кога станува збор за кошаркарите, ќе биде исклучително тешко да се задржат оние кои беа во главна улога во изминатата натпреварувачка сезона. Капитенот Кевин Пантер има на маса богата понуда од Панатинаикос, а во меѓувреме интерес за одличниот шутер покажаа и  Барселона и Реал Мадрид. Израелскиот плејмејкер Мадар е на радарот на Бостон селтикс од НБА-лигата, додека за Данте Егзум се интересираат Монако, Панатинаикос и Виртус Болоња.

Центарот Лесор исто така е желба на неколку евролигашки екипи, додека Папапетру не ги оправда премногу очекувањата, па ќе му биде дозволено да си замине. Од странците најблиску до останување е Нанели, играч кој имаше беспрекорна соработка со Обрадовиќ во Фенербахче, па сега и во Партизан. За очекување е да останат домашните кошаркари како Смаилагиќ, Аврамовиќ, Анѓушиќ… но „црно-белите“ дефинитивно ќе имаат полни раце работа за да донесат достојни замени за странците, кои дефинитивно го понесоа главниот товар сезонава.

Сепак, се ќе биде полесно кога се има Жељко Обрадовиќ на клупата, како тренер за резултати, но и како фактор во преговорите за убедување на кошаркарите од бројните понуди да ја прифатат токму онаа на Партизан.

Се вчитува...