Штом мина тремата, Работник го преслуша Спартак Москва

Ракометарите на Работник имаа одлично деби во СЕХА-лигата откако на домашен терен го совладаа рускиот вицепрвак партак Москва со убедливи 34-29. Првиот меч во Битола не донесе преполни трибини во салата „Боро Чурлевски“, но избраниците на тренерот Алушовски со прикажаната игра покажаа дека со право се надеваат на пласман во следната фаза од СЕХА, уште во дебитантската сезона од регионалното натпреварување.

Почетокот беше нервозен за битолскиот тим, а ракометарите на Спартак знаеја како да го искористат тоа и да поведат со 3-8. Русите во 16. минути поведоа со 5-10, но потоа цели осум минути не можеа да го најдат патот до мрежата на Митревски. Битолските „фармацевти“ експресно израмнија на 10-10, а потоа на одмор заминаа со предност од 15-13 со голот на Ѓукиќ.

Тоа беше само најава за уште подобро издание на ракометарите на Алушовски во второто полувреме. Деревен беше осамен во тимот на Спартак, а Работник имаше повеќе расположени ракометари во својот табор, затоа и предноста од минута во минута се зголемуваше, за на крајот Шевалев и Виноградов да погодат во двете мрежи во последната минута, за конечни 34-29.

Невен Стјепановиќ одигра извонреден натпревар постигнувајќи десет гола, Вегар беше стрелец на пет, а Јотиќ на четири погодоци, додека Митревски на голот забележа десет успешни интервенции.

Се вчитува...