Штрајк во Јувентус – Рабио не се враќа во Торино

Адриен Рабио повторно го потврдува имиџот на проблематичен фудбалер откако францускиот ас влезе во конфликт со управата на Јувентус и одбива да се врати назад во Торино и да го почне периодот на самоизолација.  Причина, колективното намалување на платите во италијанскиот првак со кое поранешниот фудбалер на ПСЖ ќе загуби најмалку два милиони евра.

Управата на Јувентус тогаш за намалувањето разговараше со сите фудбалери, Рабио се согласи, но неколку месеци подоцна го користи токму овој аргумент за да не се врати назад во Торино, не почитувајќи ги клупските наредби. За медиумите е повеќе од јасно, ова е „масло“ на неговата мајка и агентка Вероника, која во последните години во неколку ситуации го внесуваше Рабио во војна со клубовите за кои играше или со кои беше пред потпис на договор.

Таа веќе стави до знаење дека е незадоволна од минутажата што нејзиниот син ја имаше во дебитантската сезона во дресот на „старата дама“, а во ситуација кога неколку премиерлигаши покажаа интерес – војна со управата делува како добар начин за да се осигура трансфер.

На потег е Јувентус, кој најпрвин ќе го казни парично Французинот, а во текот на летото и ќе го продаде, но сигурно под услови што ќе им одговараат на „црно-белите“. Впрочем, тој минатото лето пристигна како слободен играч, па отштетата што сигурно ќе изнесува над 20 милиони евра ќе ја покрие неговата плата и бонусот за потпис, па ќе остане и дел како чиста заработувачка за најтрофејниот италијански клуб.

Се вчитува...