Шутерски расположениот ТФТ со „стотка“ против Кожув се загреа за АБА2

ТФТ стигна до третата победа во Првата кошаркарска лига откако на домашен терен во 6. коло славеше со убедливи 103-80 против Кожув. Избраниците на Смилковски беа подобриот противник во најголемиот дел од мечот, беа шутерски расположени уште од самиот старт, а високата предноста стекната уште во првата четвртина (35-13) не ја испуштија до самиот крај.

Со 23 поени и 7 скока прво име кај ТФТ беше Николов, а него го следеше Батрик со 16 поени и 7 скока. Зафиров и Бишоп постигнаа по 11 поени, а како двоцифрен со 10 мечот го заврши Мекбраер. Гордон со 21 поен го предводеше Кожув, 17 поени и 9 скока додаде Хантер, а 15 поени постигна Петровски. Штерјов броеше до 11 поени и 8 скока, а Колев зад своето име запиша 10 поени.

За клубот од Тафталиџе следни мала пауза од македонската кошарка за настапот на вториот АБА2 „балон“ во Сараево на кој освојувачот на Купот на Македонија за 2022 година ќе цели на првата победа против Златибор, Крка и Слога. Кожув пак во следното коло ќе бара рехабилитација од поразот со уште еден тежок натпревар против Феникс 2010.

Се вчитува...