Швеѓаните со цврста одбрана атакуваат на четвртфинале

Шведска и без Златан Ибрахимовиќ игра значајна улога на Мундијалот, тимскиот дух што го изгради селекторот Јане Андерсон е клучен фактор во пристапот на играта на оваа селекција, која во осминафиналето ќе се сретне со Швајцарија. Со став дека одбраната е најважна, и мора сите да ги исполнат своите дефанзивни задачи, а потоа да се размислува за нападот на противничкиот гол, Андерсон сепак успеа да создаде тим за респект.

„Нашата почетна точка е дека секој играч на теренот е дефанзивец. Тоа се однесува и на Берг и на Тоивонен, тие прават одлична работа во одбранбената фаза на играта. Тоа ни овозможува да не трчаме многу по нашите противници, а да можеме да размислуваме и на играта во офанзива. Швајцарија исто така се карактеризира со фудбалери кои имаат одлични физички способности, и ќе мораме соодветно да одговориме. Имаме јасна идеја и визија, и би сакал да ја спроведеме на теренот“, вели шведскиот селектор Јане Андерсон.

Швајцарија по цели 64 години повторно има шанса да избори пласман во четвртфинале на Светско првенство. Составот на Владимир Петковиќ покажа дека многу тешко прима голови, и нема пораз на последните девет меча.

„Успех е за нас и пласманот во осминафиналето, но сега сакаме многу повеќе. Сигурен сум дека сите фудбалери имаат амбиција да одиме многу далеку на овој Мундијал. Ова е селекција која ја носат емоциите, и многу сум среќен што сакаат да играат храбро на секој меч. А за пласман во четвртфиналето ќе ни биде потребна и мудроста“, истакнува предводникот на швајцарскиот национален тим.

Дуелот меѓу Шведска и Швајцварија ќе се игра на стадионот во Санкт Петербург, со почеток во 16 часот.

Се вчитува...